Стразбур, 17-ти ноември 2010 година                                CCJE (2010)3 Final

                                                                                                                                          

КОНСУЛТАТИВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИТЕ СУДИИ

Работна група за Големата повелба

(КСЕС-ГП)

ГОЛЕМАТА ПОВЕЛБА НА СУДИИТЕ

(Фундаментални начела)

Вовед:

По повод на својата десетгодишнина, КСЕС ја усвои, за време на своето 11-то пленарно заседание, Големата повелба на судиите (Фундаменталните начела) која ги резимира и кодифицира главните заклучоци од Мислењата кои веќе ги има усвоено. Секое од овие 12 Мислења, дадени на увид на Комитетот на Министри на Советот на Европа, содржи дополнително разгледување на темите кои се третираат во овој документ (види www.coe.int/ccje).

 

- Финалната верзија може да претрпи формални модификации -


ГОЛЕМАТА ПОВЕЛБА НА СУДИИТЕ (Фундаментални начела)

Владеење на правото и правдата

1.        Судството е една од трите власти во секоја демократска држава. Негова мисија е да го гарантира самото постоење на Владеењето на правото, и со тоа, да обезбеди правилна примена на правото на непристрасен, праведен, правичен и ефикасен начин.

Судска независност

2.        Судската независност и непристрасност се есенцијални претпоставки за функционирањето на правдата.

3.        Судството ќе има законска, функционална и финансиска независност. Таа ќе се гарантира во однос на другите власти на Државата, на лицата кои бараат правда, другите судии и општеството во целост, по пат на домашни правила на највисоко ниво. Државата и секој судија се одговорни за промовирање и заштита на судската независност.

4.        Судската независност ќе се гарантира во однос на активностите на судиите, а особено во поглед на вработувањето, наименувањето сè до старост за пензионирање, унапредувањето, неотстранливоста, обуката, судискиот имунитет, дисциплината, хонорирањето и финансирањето на судството.

Гаранции за независноста

5.        Одлуките за изборот, наименувањето и кариерата ќе се базираат врз објективни критериуми и ќе се донесуваат од страна на тело надлежно за гарантирање на независноста.

6.        Дисциплинските постапки ќе се одвиваат пред независно тело со можност за обраќање за лек до суд.

7.        По консултации со судството, Државата ќе ги обезбеди човечките, материјалните и финансиските средства неопходни за правилно функционирање на правосудниот систем. За да се избегне неприкладно влијаење, судиите ќе добиваат со закон регулиран соодветен надомест и адекватна пензија.

8.        Иницијалната обука и професионалното усовршување се право и обврска на судиите. Ќе се организираат под надзор на судската власт. Обуката е важен елемент за заштита и гаранција на независноста на судиите како и на квалитетот и ефикасноста на судскиот систем.

9.        Судството ќе биде вклучено во сите одлуки кои влијаат врз извршувањето на судиската функција (организација на судовите, процедури, други закони). 

10.      Во извршувањето на својата функција на делење правда, судиите нема да бидат подложени на било какви наредби или инструкции, ниту на било каков хиерархиски притисок, и ќе се водат само од законите.

11.      Судиите ќе се погрижат обвинителството и одбраната да имаат еднакви и рамноправни услови. Независниот статус на обвинителите е фундаментален предуслов за Владеење на правото.

12.      Судиите ќе имаат право да членуваат во домашни или меѓународни здруженија на судии, на кои им се доверува одбраната на мисијата на судството во општеството.

Тело надлежно за гарантирање на независноста

13.      За да се осигури независноста на судиите, секоја Држава ќе формира Судски совет или некое друго посебно тело, и самото независно од законодавната и извршната власт, на кое ќе му бидат доделени широки овластувања за сите прашања кои се однесуваат на нивното устројство, како и на организацијата, функционирањето и имиџот на судските институции. Советот  ќе биде составен или исклучиво само од судии, или од значително мнозинство судии избрани од страна на нивните колеги. Судскиот совет ќе дава отчет за своите активности и одлуки.

Пристап до правдата и транспарентност

14.      Правдата ќе биде транспарентна и ќе се објавуваат информации за работата судскиот систем.

15.      Судиите ќе преземаат чекори за да се осигури пристап до брзо, ефикасно и достапно разрешување на спорови; судиите ќе придонесуваат за промовирањето на методи на алтернативно разрешување на спорови.

16.      Судските документи и судиските одлуки ќе се подготвуваат на достапен, едноставен и јасен јазик. Судиите ќе донесуваат обмислени одлуки, објавени јавно во разумен рок, засновани на праведна и јавна расправа. Судиите ќе применуваат соодветни методи за управување со случаите.

 

17.      Извршувањето на судските налози е клучна компонента на правото на праведно судење и воедно гаранција за ефикасноста на правдата.

Етика и одговорност

18.      Деонтолошките начела, кои треба да се разликуваат од дисциплинските правила,  ќе ги водат постапките на судиите. Тие ќе се изготвуваат од страна на самите судии и ќе бидат дел од нивната обука.

 

19.      Во секоја Држава, законот или фундаменталната повелба кои се однесуваат на судиите ќе дефинираат што се смета за некоректното однесување кое може да води кон дисциплинарни санкции и ќе ја утврдат дисциплинската постапка.

20.      Судиите ќе бидат кривично одговорни во рамки на обичното право за дела сторени надвор од својата судиска функција. Кривична одговорност нема да им се наметнува на судиите за ненамерни пропусти во извршувањето на нивната функција.

21.      Лековите за судиски грешки треба да бараат во еден прикладен систем на жалби. Секаков лек за други пропусти во делењето правда може да се упати само против државата.

22.      Не е прикладно еден судија да биде изложен, во поглед на односното вршење на судиската должност, на било каква лична одговорност, дури ни по пат на надомест кон државата, освен во случај на намерен пропуст.

Меѓународни судови

23.      Овие начела ќе важат mutatis mutandis за судиите од сите европски и меѓународни судови.