Description : NB_CE 

CCJE-GT(2013)4

1-ви октомври 2013

РАБОТНА ГРУПА НА

КОНСУЛТАТИВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИТЕ СУДИИ  (КСЕС-рг / CCJE-GT)

МИСЛЕЊЕ бр. (2013) 16

ЗА ОДНОСОТ МЕЃУ СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ ВО ПОГЛЕД НА КВАЛИТЕТОТ И ЕФИКАСНОСТА НА ПРАВДАТА

НАЦРТ ДОКУМЕНТ

ГИ ПОВИКУВАМЕ ЧЛЕНОВИТЕ НА КСЕС ДА ГИ ИСПРАТАТ СВОИТЕ МОЖНИ КОМЕНТАРИ НА ОВОЈ ДОКУМЕНТ ДО СЕКРЕТАРИЈАТОТ ЧАС ПОСКОРО, А ПРЕД 1-ви НОЕМВРИ 2013 ГОДИНА.

ЌЕ ВИ БИДЕМЕ БЛАГОДАРНИ ДОКОЛКУ КОМЕНТАРИТЕ, АКО ВООПШТО ГИ ИМА, СЕ ФОРМУЛИРАНИ НА СПЕЦИФИЧЕН И КОНКРЕТЕН НАЧИН (НА ПРИМЕР, СО ПРЕДЛАГАЊЕ НА АЛТЕРНАТИВНА ФОРМУЛАЦИЈА) И СО ПОМОШ НА TRACK CHANGES, ДОКОЛКУ ТОА Е ВОЗМОЖНО.

I. ВОВЕД

1. Во согласност со описот на задачата доверена од страна на Комитетот на Министри, Консултативниот совет на европските судии (КСЕС) одлучи да подготви во 2013 година, нацрт Мислење за односот меѓу судиите и адвокатите, во поглед на квалитетот и ефикасноста на правдата.

2. Мислењето е подготвено врз основа на претходните Мислења на КСЕС и релевантните инструменти на Советот на Европа, конкретно Европската повелбата за статутот за судии (1998, European Charter on the Statute for Judges), Магна карта на судии (2010, Magna Carta of Judges) и Препораката CM/Rec(2010)12 на Комитетот на Министри за судиите: независност, ефикасност и одговорности. Воедно ги зема предвид Основните начела на Обединетите нации за независноста на судството (1985, the United Nations Basic Principles on the Independence of the Judiciary), Основните начела на Обединетите нации за улогата на адвокатите (1990, the United Nations Basic Principles on the Role of Lawyers), Начелата од Бангалор за однесувањето на судиите (2002, Bangalore Principles of Judicial Conduct) и Коментарот по Начелата од Бангалор од Групата за интегритет на судиите (2007, Commentary on the Bangalore Principles of the Judicial Integrity Group). Исто така, Мислењето се надградува врз работата на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа – САКДЕ (Council of Bars and Law Societies of Europe - CCBE), конкретно Кодексот на однесување за европски адвокати (1998, Code of Conduct for European Lawyers, изменет во 2002 и 2006 година) и Повелбата за клучните начела на европската правна професија (2006, Charter of Core Principles of the European Legal Profession).

Одговорите на државите на прашалникот и извештајот на научниот експерт Г-ѓа Натали ФРИСЕРО (Natalie FRICERO) од Франција се исто така земени предвид, како и прилозите од конференцијата одржана во Париз на 7-ми ноември 2012 година, организирана заедно од КСЕС и Париската адвокатска комора, и конференцијата одржана во Рим на 13-ти јуни 2013 година, заеднички организирана од КСЕС, Италијанскиот висок совет за судството и Националниот адвокатски совет на Италија. 

Во текот на подготвувањето на ова Мислење, КСЕС исто така се консултираше со Советот на адвокатските комори и друштва на Европа.

II. УЛОГИТЕ НА СУДИИТЕ И АДВОКАТИТЕ ВО ФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ПРАВОСУДСТВОТО

3. Државите во кои владее правото треба да ги организираат своите судски системи на таков начин на кој супрематијата на правото и почитувањето на фундаменталните права и слободи се гарантирани во согласност со Европската конвенција за човекови права (во понатамошниот текст Конвенцијата), како и прецедентното право на Европскиот суд за човекови права (во понатамошниот текст Судот).

КСЕС веќе ѝ оддаде признание на суштествената улога на соработката меѓу различните страни засегнати од правилното функционирање на правосудството и интеракцијата меѓу овие фактори. Tака, во став 10 од своето Мислење бр. (2009)12, КСЕС посочи дека споделувањето на заеднички правни начела и етички вредности меѓу сите професионални фактори вклучени во правниот процес е клучно за правилното делење на правдата.

4. Судиите и адвокатите играат различни улоги во правниот процес, но придонесот на обете професионални групи е неопходен за да се постигне праведно и ефикасно решение за сите правни процеси.

5. Став 2 од Основните начела за независноста на судството усвоени од страна на Генералното собрание на ОН во 1985 година, предвидуваат судството да одлучува по прашања поставени него непристрасно, врз основа на фактите и во согласност со законот, без било какви ограничувања, непримерно влијание, предизвици, притисоци, закани или мешање, директно или индиректно, од било каков извор или причина. КСЕС нагласува во своето прво Мислење (Мислење бр. 1(2001), § 10) дека судиската независност не е прерогатив ниту привилегија во интерес на судиите, туку е предуслов за владеењето на правото и за сите оние кои бараат и очекуваат правда.

6. Во рамките на својата мисија за бранење на интересите на своите клиенти, адвокатите играат суштествена улога во правилното делење правда. Став 6 од Коментарот кон Повелбата на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа за клучните начела на европската правна професија ја дефинира улогата на адвокатот на следниов начин: „Улогата на адвокатот, без оглед дали е ангажиран од поединец, корпорација или држава, е улога на советник и застапник од доверба, професионалец кој ужива почит од трети лица, и неопходен учесник во праведното делење правда. Олицетворувајќи ги сите овие елементи, адвокатот, кој верно им служи на интересите на својот клиент и ги штити неговите права, воедно ја извршува функцијата и на адвокат во Општеството – а таа е да пресретнува и превенира конфликти, да се грижи конфликтите да се решаваат во согласност со прифатените начела на граѓанско, јавно и кривично право и со должно почитување на правата и интересите, да го унапредува развивањето на законите и да ги брани слободата, правдата и владеењето на правото”. Како што е наведено во став 1.1 од Кодексот на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа за однесување за европски адвокати, почитувањето на професионалната функција на адвокатот е суштествен предуслов за владеењето на правото и демократијата во едно општество. Основните начела на ОН за улогата на адвокатите наведуваат дека соодветната заштита на човековите права и фундаментални слободи на кои сите граѓани имаат право, без оглед дали тие се економски, социјални и културни, или граѓански и политички, бара сите да имаат ефективен пристап до правни услуги кои ги пружа независната правна професија. Начелото 12 предвидува адвокатите во секој момент да ја чуваат честа и дигнитетот на својата професија како суштински чинители на правосудството.

7. Судиите и адвокатите мораат да бидат независни во извршувањето на своите должности, и воедно мораат да се и јасно да стават на знаење дека се независни едни од други. Ваквата независност се реафирмира во Кодексите на однесување за обете професии. КСЕС ја смета таквата независност од витално значење за правилното функционирање на правосудството.

8. КСЕС укажува на став 12 од Препораката CM/Rec(2010)12 која наведува дека, без да се доведува во прашање нивната независност, судиите и судството треба да одржуваат конструктивни работни врски со институциите и јавните органи вклучени во управувањето и раководењето со судовите, како и со сите професионални актери чии обврски се поврзани со работата на судиите, за да се овозможува ефективно и ефикасно делење правда. Конструктивните односи се подеднакво неопходни во текот на постапките, со цел обезбедување на праведно и ефикасно решавање на односниот правниот процес.

9. Се разликуваат два вида односи судиите и адвокатите:  

-       од една страна, односи меѓу судиите и адвокатите кои произлегуваат од процедуралните начела и правила на секоја држава, а кои директно влијаат врз ефикасноста и квалитетот на судските постапки. Во заклучоците и препораките дадени во своето Мислење бр. (2008)11 за квалитетот на судските одлуки, КСЕС укажува дека стандардот на квалитет на судските одлуки е очигледен резултат на интеракцијата меѓу многубројните учесници во правосудниот систем;

-       од друга страна, односи кои произлегуваат од професионалното однесување на судиите и адвокатите и кои бараат взаемна почит за улогата која ја играат обете страни и еден конструктивен дијалог.

III. ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРОЦЕДУРАЛНИТЕ ОДНОСИ, ДИЈАЛОГ И КОМУНИКАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПОСТАПКИ

10. Судиите и адвокатите имаат заедничка суштинска обврска, имено придржување кон процедуралните правила и основните начела на праведно судење.

КСЕС сметка дека конструктивните односи меѓу судиите и адвокатите ќе го подобрат квалитетот и ефикасноста на постапките. Воедно, ќе помогнат за задоволување на потребите на страните: страните учеснички во парници очекуваат да бидат сослушани и исто така очекуваат судиите и адвокатите заеднички да придонесуваат за праведно решавање на нивниот случај во разумен рок.

11. Квалитетот и ефикасноста на судските постапките зависат на прво место од соодветно процедурално законодавство. Државите треба да воспостават такво законодавство во согласност со член 6 од Конвенцијата. Во процесот за подготвување на ваквите закони треба да се вклучат консултации со судии и адвокати, не во интерес на двете професии, туку во интерес на праведното делење правда. Исто така е важно да се консултираат корисниците на услугите на судовите. Воедно, од суштинска важност е процедуралните рамки редовно да се евалуираат, а судиите, адвокатите и корисниците на услугите на судовите да се вклучени во овој процес.

12. Во практиката, процедуралните правила, без оглед дали се работи за граѓански, кривични или управни случаи, често се комплексни и оставаат простор за разновидни процедурални „инциденти“ и последователи жалби. Ова може да предизвика неразумни оддолжувања и големи трошоци за страните, како и за општество во целина. КСЕС ги поддржува напорите за анализирање и евалуирање на процедуралните правила кои постојат во Земјите членки и за развивање, каде тоа е неопходно, на потранспарентни и поадекватни правила.


Размената на меѓународни искуства меѓу судиите и меѓу адвокатите, може да поттикне утврдување на „најдобри практики” на полето на процедурални рамки. При тоа, треба да се земат предвид различните општествени и правни традиции.

13. КСЕС сметка дека законодавството треба да им пружи на судиите ефективни процедурални инструменти за имплементација на начелата на праведно судење и да спречи непримерно оддолжување и тактики за одолговлекување. Законите треба да се доволни цврсти и да пружаат јасни и праведни временски рамки, а во исто време да овозможуваат неопходна флексибилност.


14. Процедуралните правила претставуваат инструмент кој овозможува решавање на правни спорови. Процедуралните правила ги утврдуваат улогите на судиите и адвокатите. Од суштинска важност е и едните и другите да имаат добри познавања и разбирање на односните улоги, во интерес на праведно и навремено решавање на постапките.


15. Еднаков пристап до информации за процедурални и материјални закони, и воедно до прецедентното право кое претставува пресвртница, треба да се овозможи на колку што е можно поширок круг судии и адвокати. КСЕС упатува на став 24 од Мислењето бр. 14 (2011), во кое се залага
судството да ги стави на располагање прецедентното право, а во најмала рака одлуките кои претставуваат пресвртници, на интернет i) бесплатно, ii) во лесно достапен облик, и iii) имајќи ја во вид заштитата на лични податоци.

16. Основните начела на ОН за независноста на судството наведуваат во Начелото бр. 6 дека начелото на независност на судството му овозможува но и од него бара да се погрижи судските постапките да се спроведуваат праведно и правата на страните да се почитуваат. Улогата која ја играат адвокатите при бранењето на правата на страните подразбира нивна активна соработка во раководењето со случајот, на пр. преку воспоставување на процедурални календари. КСЕС сметка дека е важно да се воспостават распити за планирање за да се поттикне, во интерес на страните, ефективна соработка меѓу судиите и адвокатите.

17. Судиите и адвокатите мораат да соработуваат во задоволувањето на потребите на страните, вклучувајќи и постапки за спогодбено договарање. Во своето Мислење бр. (2004)6, КСЕС препорача развивање на постапки за спогодбено решавање на случаи. Заедничка обука може да го подобри разбирањето на улогите на судиите односно на адвокатите во областа на спогодбено решавање спорови, по пат на процеси на помирување или медијација.

18. Подготвеноста за соработка и учество во дијалог може да биде во облик на процедурални упатства договорени на институционално ниво. КСЕС сметка дека судовите треба да поттикнуваат утврдување на добри практики кои резултираат од договори меѓу судовите и Комората. Договори кои се однесуваат на спроведувањето управувањето со постапките се воспоставени во голем број правосудни системи, и тоа во најразлични облици[1]. КСЕС повторно се залага таквите процедурални договори да се придржуваат кон процедуралното право и да се достапни за јавноста, за да се осигури транспарентност за адвокатите и страните во парниците.

19. Неопходно е да се воспостави правилна комуникација меѓу судовите и адвокатите за да се осигури брзина и ефикасност на постапките. КСЕС сметка дека државите треба да воведат системи кои овозможуваат компјутерска комуникација меѓу судовите и адвокатите, со цел да се подобрат услугите за адвокатите и да им се овозможи лесно да се информираат за процедуралниот статус на случаите. Во своето Мислење бр. (2011)14 за „Правдата и информациските технологии”, КСЕС забележува дека ИТ има централно место во пружањето на информации на судиите, адвокатите и другите засегнати страни во правосудниот систем, како и на јавноста и медиумите.  

IV. РАЗВИВАЊЕ НА ВЗАЕМНО РАЗБИРАЊЕ И ПОЧИТ ЗА УЛОГАТА НА ДРУГИОТ - ЕТИЧКИ НАЧЕЛА

20. Судиите и адвокатите имаат сопствен сет етички начела. Сепак, некои етички начела се заеднички и за судиите и за адвокатите, на пр. придржување кон законот, професионална доверливост, интегритет и дигнитет, почит кон страните парничари, компетентност, праведност и взаемна доверба.

21. Етичките начела на судиите и адвокатите исто така ги засегаат односите меѓу двете професии.


Во однос на судиите, КСЕС наведува во своето Мислење бр. (2002)3, став 23, дека судиите треба да им укажат на сите лица (на пример, страни, сведоци, адвокати) должно внимание и не треба да прават разлики врз противправни основи, ниту такви кои би биле некомпатибилни со правилното извршување на нивната функција.Став 5.3 од Начелата од Бангалор наведува дека секој
судија ќе ви извршува своите судски должности со соодветно внимание и обѕири кон сите лица, како што се страните, сведоците, адвокатите, судскиот персонал и колегите судии, без да прави разлика по било каква ирелевантна основа, која не е суштинска за правилното извршување на таквите должности. Став 6.6 од Начелата од Бангалор наведува дека секој судија ќе одржува ред и пристојност во сите постапки пред судот и ќе се однесува трпеливо, со дигнитет и учтиво кон страните парничари, членовите на поротата, сведоците, адвокатите и другите со кои судијата се соочува во рамките на својата службена должност.


Во однос на адвокатите, ставовите 4.1, 4.2, 4.3 и 4.4 од Кодексот на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа за однесување за европски адвокати ги зацртуваат следниве начела: адвокат кој се појавува или учествува во еден случај пред суд или трибунал мора да се придржува кон правилата на однесување кои се применуваат пред тој суд или трибунал. Адвокатот мора секогаш да има должна почит кон праведното одвивање на постапките. Адвокатот, однесувајќи се со должно почитување и учтивост кон судот, ќе ги брани интересите на својот клиент чесно и бестрашно, без притоа да се води од своите сопствени интереси или било какви последици по себе или по било кое друго лице. Адвокатот никогаш нема свесно и со знаење на судот да му дава неточни информации или информации кои наведуваат на погрешен пат.

22. КСЕС смета сека односите меѓу судиите и адвокатите треба да се засновани врз разбирање на улогите на другиот, врз взаемна почит и независност виз-а-ви другиот.

Според тоа, КСЕС смета дека е неопходно да се развиваат дијалог и размени на мислења меѓу судиите и адвокатите на национално и на европско институционално ниво во врска со прашањето на нивните взаемни односи. Ќе треба да се земат предвид етичките кодекси и на адвокатите и на судиите. Во овој контекст, КСЕС поттикнува на утврдување на заеднички етички начела, како што се обврската за независност, соработката заради осигурување на брзо и праведно спроведување на постапките и перманентната професионална обука. За овој процес треба да се одговорни професионалните здруженија и независните раководни тела на судиите, односно на адвокатите.

23. Советувањата и обуките за судиите и адвокатите треба да ги третираат прашањата на нивната улога и нивните меѓусебни односи, со една општа цел да се промовира праведното и ефикасното решавање на спорови, со почитување на независноста на обете страни. КСЕС укажува на став 10 од своето Мислење бр. (2009)12, во кое смета дека, таму каде што тоа е соодветно, заедничка обука за судиите, јавните обвинители и адвокатите на теми од заеднички интерес би можела да придонесе за остварување на правда од највисок квалитет.

24. Во Земјите членки на Советот на Европа, судиите се регрутираат на најразлични начини. КСЕС укажува на извештајот на ЕКЕП (CEPEJ) „Евалуација на европските судски системи”, Едиција 2012, Поглавје 11.1. Во некои земји, судиите воглавно се регрутираат од редовите на искусни адвокати. Во други земји, судиите и адвокатите немаат допирни точки на својот кариерен пат. Во овие земји, развивањето на взаемно разбирање меѓу двете професии е особено важно. Една можност за поттикнување на таквото разбирање е воспоставување на стажантство за кандидати судии кои се во процес на обука во адвокатски фирми и за адвокати кои се обучуваат во судовите. Во таквиот случај, од суштинска важност е да се гарантираат барањата за независност и непристрасност на судството, и стажантствата да се организираат на транспарентен начин.

25. Односите меѓу судиите и адвокатите треба секогаш да ја почитуваат непристрасноста и сликата за непристрасност на судот. Судиите и адвокатите треба да се потполно свесни за ова, а соодветни процедурални и етички правила треба да ја гарантираат оваа непристрасност.


26. И судиите и адвокатите уживаат слобода на изразување согласно Член 10 од Конвенцијата.

Но, од судиите воедно се бара да ја зачуваат доверливоста на разгледувањето на случаите од страна на судот и непристрасноста на овој процес, што подразбира, inter alia, дека тие мораат да се воздржуваат од коментирање на постапките. Судиите треба исто така да се внимателни при давањето коментари за работата на адвокатите, имајќи на ум дека првичната должност на адвокатот е да постапува во интерес на своите клиенти.

Слободата на изразување на адвокатите исто така има свои граници, со цел да се одржи, како што е утврдено во член 10, став 2, од Конвенцијата, авторитетот и непристрасноста на судството[2]. Почитта кон колегите од професијата, почитувањето на владеењето на правото и праведното делење правда - начелата (х) и (и) од Повелбата на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа за клучните начела на европската правна професија – бараат воздржување од навредливо критикување на колеги од професијата, поединечни судии и на судските процедури и одлуки.

 

V.  ПРЕПОРАКИ

КСЕС повторува дека „споделувањето на заеднички правни начела и етички вредности од страна на членовите на сите професии вклучени во правниот процес е од суштинска важност за правилното делење на правдата“, и ги дава следниве препораки:

I. КСЕС им препорачува на државите да воспостават соодветно процедурално законодавство, кое мора да ги дефинира активностите на судиите и адвокатите и да ги овласти судиите ефективно да ги применуваат начелата на праведно судење и да ги спречат страните да применуваат тактики на одолговлекување. Исто така, препорачува судиите, адвокатите и корисниците на услугите на судовите да се консултираат во текот на подготвувањето на таквите закони, и процедуралните рамки редовно да се евалуираат.

II. КСЕС ја поддржува размената на меѓународни искуства меѓу судиите и адвокатите со цел утврдување на „најдобри практики” на полето на процедуралните рамки, при тоа земајќи ги предвид различните општествени и правни традиции на земјите.

III. КСЕС препорачува судиите да одржуваат расправи за управување со случајот во рамки на важечките процедурални закони, и да воспостават, во консултација со страните, процедурални календари, на пр. преку специфицирање на процедуралните фази, зацртувајќи разумни и соодветни временски рамки и структурирајќи го изведувањето на пишани и/или усни поднесоци и докази.

 

IV. КСЕС препорачува да се развијат комуникациски канали меѓу судовите и адвокатите. Судиите и адвокатите мораат да се во можност да комуницираат во сите фази на постапките. КСЕС смета дека државите треба да воведат системи кои овозможуваат компјутерска комуникација меѓу судовите и адвокатите.

V. Со цел да се задоволат потребите на страните, КСЕС препорачува да се развијат постапки за спогодбено решавање на спорови. Смета дека разбирањето на улогите на судиите, односно на адвокатите, во рамки на спогодбено решавање по пат на помирување или медијација, е важен фактор за развивање на ваквиот пристап и дека, колку што е можно, треба да се понудат заеднички обуки за различните модели на спогодбено решавање спорови.

VI. КСЕС препорачува да се развива дијалогот и размените на мислење меѓу судиите и адвокатите на институционално ниво по прашањето на нивните взаемни односи, земајќи ги предвид во тој процес Етичките кодекси и на адвокатите и на судиите. Таквиот дијалог ќе овозможи взаемно разбирање и почитување на улогата на обете страни, при тоа почитувајќи на независноста на судиите и адвокатите.

VII. КСЕС смета дека, таму каде што тоа е прикладно, заедничката обука за судии и адвокати по прашања од заеднички интерес може да го подобри квалитетот и ефикасноста на постапките.



[1]  Види Студија бр. 16 на Европската комисија за ефикасноста на правосудството (CEPEJ),Постигање договор и судскиот процес во Европа

[2] Види исто такаЕСЧП, Kyprianou против Кипар, 15-ти декември  2005; ЕСЧП Alenka Pecnik против Словенија, 27-ми септември 2012.