NB_CE

КСЕС(2012)4

Париз, 13 ноември, 2012г.

                                                           

КОНСУЛТАТИВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИТЕ СУДИИ

(ксес)

МИСЛЕЊЕ (2012) БР. 15

НА КОНСУЛТАТИВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИТЕ СУДИИ

ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА НА СУДИИТЕ

донесено на 13-тата пленарна средба на КСЕС

(Париз, 5-6 ноември, 2012 г.)


Вовед

1.             Во согласност со задачите што ги доби од Комитетот на министри, Консултативниот совет на европски судии (КСЕС) одлучи во 2012 г., да подготви Мислење за специјализацијата на судиите.

2.             Мислењето беше подготвено врз основа на претходните мислења на КСЕС, Магна карта на судиите, одговорите на земјите-членки на прашалникот за специјализација на судиите подготвен од КСЕС, и врз основа на прелиминарниот извештај од експертот на КСЕС, г-а Марија Џулијана Чивинини (Италија).

3.             При подготовката на ова Мислење, КСЕС исто така се потпре врз законодавството(acquis) на Советот на Европа, конкретно, врз Европската повелба за статусот на судиите, Препораката Rec(2010)12 на Комитетот на министри до земјите-членки за судиите: независност, ефикасност и одговорности, и врз извештајот за „Европски судски системи“ (издание од 2010 г.) од Европската комисија за ефиканост на правдата(CEPEJ)[1].

4.             Одговорите на прашалникот од земјите-членки и извештајот од експертот покажуваат дека специјализираните судии и/или специјализираните судови се вообичаени во земјите-членки. Ваквата специјализација е реалност, и потребен е широк спектар на форми, вклучувајќи и воспоставување специјалистички комори во рамките на постојните судови или создавање посебни специјализирани судови. Овој тренд се рашири низ цела Европа[2].

5.             Во контекст на ова Мислење, „специјализиран судија“ е судија што се занимава со ограничени подрачја од правото (на пр., кривично право, даночно право, семејно право, економско-финансиско право, право за интелектуална сопственост, право за конкуренција) или што се занимава со предмети кои се однесуваат на конкретни фактички ситуации во специфични области (на пр., во врска со социјално, економско или семејно право).

6.             Поротниците кои учествуваат во кривични предмети[3] не се вклучени во дефиницијата за „специјализирани судии“ спомената погоре. Поротниците не заседаваат во сите кривични предмети. Тие не се предмет на истите кодекси и правила како судиите кои се дел од редовниот корпус на судии; ниту пак се дел од судската хиерархија или предмет на нејзините дисциплински и етички правила.

7.             Целта на ова Мислење е да се испитаат главните проблеми во врска со специјализацијата, земајќи ја предвид примарната потреба од обезбедување заштита на основните права и квалитет на правдата, како и статусот на судиите.


A.           Можни предности и недостатоци на специјализацијата

a.         Можни предности на специјализацијата

8.             Специјализацијата често произлегува од потребата за адаптирање кон промените во законот, а не од некаков намерен избор. Постојаното усвојување ново законодавство, без оглед дали на меѓународно, европско или домашно ниво, и менувањето на судската пракса и доктрина ја чинат правната наука сè пообемна и посложена. Сепак, тешко е за судијата да ги владее сите овие подрачја, додека истовремено, општеството и парничарите бараат сè поголема професионалност и ефикасност од судовите. Специјализацијата на судиите може да обезбеди тие да го имаат потребното знаење и искуство во својата област на надлежност.

9.             Длабинското знаење од соодветната правна област може да го подобри квалитетот на одлуки што ги носи судијата. Специјализираните судии може да стекнат поголема стручност во својата конкретна област, што потоа, може да го подобри авторитетот на нивниот суд.

10.          Концентрирањето предмети во рацете на избрана група специјализирани судии може да биде поволно за доследноста на судските одлуки и како последица, може да промовира правна сигурност.

11.          Специјализацијата може да им помогне на судиите, со тоа што постојано ќе се занимаваат со слични предмети, да стекнат подобро разбирање на реалноста во однос на предметите што им се доставуваат, на стручно, социјално или економско ниво, па, така, да изнаоѓаат решенија што се посоодветни за таа реалност.

12.          Специјализираните судии, кои обезбедуваат знаења од друга наука што не е право, може да негуваат мултидисциплинарен пристап кон проблемите што се разгледуваат.

13.          Специјализацијата преку поголема стручност во одредена правна област може да ја потпомогне ефикасноста на судот и управувањето со предметите, земајќи го предвид сè поголемиот број предмети.

б.         Можни ограничувања и опасности од специјализацијата

14.          Иако судската специјализација е пожелна поради неколку причини, во неа постојат и неколку опасности. Главниот ризик кај судската специјализација треба да се бара во можното одвојување на специјализираните судии од генералниот корпус на судии.

15.          Судиите, кои заради специјализација, претходно требале да решаваат за исти прашања, може да покажат тенденција за репродуцирање на таквите претходни решенија, кои може да го попречат развитокот на судската пракса во согласност со потребите на општеството. Ваквата опасност се појавува и кога одлуките во конкретна област секогаш ги носи истата избрана група судии.

16.          Специјализираните правници имаат тенденција да развиваат концепти што се специфични за нивната област и (често) не им се познати на другите правници. Ова може да доведе до расцепканост на правото и постапката, исклучувајќи ги специјализираните судии од правната реалност во другите области, и потенцијално изолирајќи ги од општите принципи и основните права. Ваквата расцепканост може да го поткопа принципот на правна сигурност.

17.          Општеството може да очекува да има специјализирани судии онаму каде во практика, тоа е невозможно. Специјализацијата е единствено можна кога судовите ќе постигнат доволна големина. За помалите судови може да биде невозможно да формираат специјализирани комори, или адекватен број такви комори. Ова ги принудува судиите да бидат сестрани и така, да стекнат способност за решавање низа специјализирани прашања. Прекумерната индивидуална специјализација на судиите ќе ја попречи ваквата неопходна сестраност.

18.          Во некои случаи, специјализацијата на судиите може да биде штетна по единството на судството. Таа на судиите може да им даде впечаток дека нивната стручност во специјализираната област ги става во елитна група судии кои се различни од другите. Може и на широката јавност да ѝостави впечаток дека некои судии се „супер-судии“ или пак напротив, дека судот е исклучително стручен орган одвоен од конкретното судство. Ова може да резултира во губење на довербата кај јавноста за судови за кои се мисли дека не се доволно специјализирани.

19.          Формирање на високо специјализиран суд може да има за цел или ефект на одвојување на судиите од другото судство и нивно изложување на притисоци од страните, интересните групи или од другите државни власти.

20.          Во избрана област на правото, опасноста од впечаток дека постои прекумерна блискост меѓу судиите, адвокатите и обвинителите за време на заеднички обуки, конференции или средби, е реална. Ова не само што може да ја потемни сликата за судската независност и непристрасност, туку и да ги изложи судиите на вистински ризик од тајни влијанија, па така и влијанија врз ориентацијата на нивните одлуки.

21.          Бидејќи судовите бараат адекватен работен товар, формирањето на суд специјализиран  во многу ограничена област може да има ефект на концентрирање на таквата специјализираност во еден единствен суд за целата земја или за еден регион во државата. Ова може да го попречи пристапот до судовите или да создаде преголема дистанца меѓу судијата и парничарот.

22.          Постои опасност специјализираниот судија, кој е дел од совет на судии и кој е одговорен да даде конкретен стручен или експертски совет, да изрази лично мислење или видување на фактите директно пред своите колеги без тие работи да им се изложат на страните за нивните претставки[4].

23.          Формирањето на специјализирани судови како реакција на јавната загриженост (на пр., судови против тероризам)[5] може да доведе до тоа јавните власти ним да им одобрат материјални и човечки ресурси што им се недостапни на другите судови.

Б.        Општи принципи почитување на основните права и принципи: став на КСЕС

24.          КСЕС пред сè го нагласува фактот дека сите судии, без оглед дали се општи или специјализирани, мора да бидат стручни во умешноста на судење. Судиите го имаат знаењето за анализа и оцена на фактите, и законот за носење одлуки во широка низа области. За ова, тие мора да имаат широко познавање на правните институции и принципи.

25.          Одговорите на земјите-членки и експертскиот извештај покажуваат дека повеќето предмети поднесени до судовите се решаваат од општи судии, нагласувајќи ја доминантната улога на тие судии.

26.          Во принцип, судиите треба да бидат способни за решавање предмети од сите области. Нивното општо познавање на правото и на неговите темелни принципи, нивниот здрав разум и сознанија за реалноста на животот ги оспособуваат за примена на правото во сите области, вклучувајќи ги и специјализираните, со помош од вештаци, доколку е потребно[6]. Улогата на „општиот судија“ никогаш не смее да се потценува.

27.          Во секој суд, општите судии обично се назначуваат во разни специјализирани сектори, менувајќи ги задачите неколку пати во текот на својата кариера. Ова им дава широко искуство од разновидни правни области, на тој начин овозможувајќи им да се приспособат кон новите задачи и да одговорат на потребите на парничарите. Токму затоа, од витално значење е судиите од почетокот да добијат општа обука за да ја стекнат неопходната флексибилност и сестраност за решавање на потребите на општ суд, којшто мора да се занимава со огромна разновидност на прашања, вклучувајќи ги и оние што изискуваат извесен степен на специјализација.

28.          Меѓутоа, правото стана толку комплексно или специфично во некои области што соодветното решавање на предмети во тие области бара повисок степен на специјализација. Затоа, се препорачува обезбедување на соодветно квалификувани судии надлежни за конкретни области.

29.          Специјализираните судии, како и сите судии, мора да ги исполнат барањата за независност и непристрасност утврдени во членот6 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи (Конвенцијата). Специјализираните судови и судии, исто така, мора да ги исполнат и другите услови утврдени во оваа одредба од Конвенцијата: пристап до судот, уреден процес, право на коректно сослушување во разумен рок. Должност на судовите е да ги организираат своите специјализирани комори така што да се почитуваат ваквите барања.

30.          КСЕС смета дека создавањето специјализирани комори или судови мора строго да се уреди. Ваквите органи не треба да ја подриваат надлежноста на општиот судија, и во сите случаи мора да обезбедат иста заштита и квалитет. Истовремено, мора да се води сметка за сите критериуми според кои се уредува работата на судијата: големина на судот, услови на доставата, фактот што станува сè потешко за судиите да ги владеат сите правни области, и трошоци на специјализацијата.

31.          Специјализацијата никогаш не смее да застане на патот на барањата за квалитет што мора да ги исполни секој судија. КСЕС  забележува дека ваквите барања се наведени во неговото Мислење бр. 11 (2008) за квалитетот на судските одлуки, и дека барањата важат за сите судии, па така, и за специјализираните судии. Мора да се направи сè што е неопходно за да се гарантираат оптимални услови на правораздавање во специјализираните судови.

32.          Во принцип, општите правила на постапката мора да важат и во специјализираните судови. Воведувањето специфични постапки за секој специјализиран суд задолжително доведува до ширење на таквите постапки, создавајќи ризици во однос на пристапот до правдата и сигурноста на правото. Специфични правила на постапката се дозволиви само ако одговараат на некоја од потребите што довеле до формирање на специјализираниот суд (на пр., постапки за семејно право, каде распитот на деца е предмет на специфични правила што водат до заштита на нивните интереси).

33.          Секогаш е од витално значење да се обезбеди почитување на принципите на праведно судење, имено, непристрасност на судот во целост и слобода на судијата да ги цени доказите. Исто така, од витално значење е, кога постои систем со судски помошници или вештаци како дел од судскиот совет, страните да ја задржат можноста да реагираат на информациите што на правно обучениот судија му ги дава ваквиот помошник или вештак. Инаку, мислењето на вештакот може да се вклучи во пресудата без страните да добиле можност за негово преиспитување или оспорување. КСЕС би претпочитал систем каде судијата назначува вештак или каде страните сами може да повикуваат вештаци како сведоци, чиишто наоди и констатации може да се оспоруваат и да се дебатираат меѓу страните, пред судијата.

34.          Сите предмети пред специјализиран или општ суд мора да се испитаат со иста ревност. Не постои основа за давање приоритет на предметите што ги решаваат специјализираните судови. Единствените прифатливи приоритети се оние што се зановаат врз објективна неопхоност, на пр., постапки што вклучуваат лишување од слобода или итни мерки за прашања во врска со старателство врз деца, заштита на имот на лица, животна средина, јавно здравје, јавен ред или безбедност.

35.          Иако специјализираните судови мора да користат адекватни човечки, административни и материјални ресурси неопходни за вршење на работата, ова не смее да биде на штета на другите судови, кои треба да уживаат исти услови во смисла на ресурси.

36.          КСЕС смета дека поголемата мобилност и флексибилност од страна на судиите може да помогне да се поправат горе споменатите недостатоци на специјализацијата. Судиите треба да имаат право да го променат судот или специјализацијата во текот на својата кариера, или дури да се префрлат од специјализирани на општи должности или обратно. Мобилноста и флексибилноста не само што на судиите им овозможуваат поразновидни и посестрани можности за кариера, туку им дозволуваат и да заокружат една целина и да се префрлат во други правни дисциплини, што нужно го поттикнува развојот на судската пракса и на правото воопшто. Сепак, ваквата мобилност и флексибилност не треба да го загрозуваат принципот на независност и неразрешливост на судиите[7].  

37.          Обезбедувањето специјализираните судии да одговорат на комплексноста или на конкретните барања во специфични правни области е одвоено прашање од формирањето специјални, aд-хок или вонредни судови според диктатот на поединечни или конкретни околности. Постои потенцијална опасност од тоа последниве судови да не успеат да ја обезбедат сета заштита предвидена во членот 6 од Конвенцијата. КСЕС веќе ги изрази своите приговори за формирањето на такви судови, и овде упатува на содржината од своето Мислење бр. 8 (2006) за улогата на судиите во заштитата на владеењето на правото и на човековите права во контекст на тероризам. Во секој случај, КСЕС нагласува дека кога постојат такви судови, тие мора да ги исполнат сите заштитни мерки својствени за редовните судови.

38.          Во заклучок, КСЕС верува дека специјализацијата може да се оправда единствено  ако промовира спроведување на правдата, т.е. ако се покаже дека е поповолна за гарантирање на квалитетот како на постапката, така и на судските одлуки.

Б.        Одредени аспекти на специјализацијата

1.            Специјализација на судиите

39.          Според гледиштето на КСЕС, принципите од ова Мислење се применилви на видовите специјализирани судови разгледани подолу.

40.          Одговорите на прашалникот покажуваат дека постојат значителни разлики меѓу земјите-членки во врска со видовите судии што се користат во „специјализираните“ судови и трибунали.

41.          Специјализацијата може да се внесе преку разни средства. Зависно од тоа каква е правната рамка за релевантните државни дозволи, може да има или специјализирани судови коишто се одвоени и различни од општата организација на судството во целост, или специјализирани судови или комори што се дел од општиот судски систем. Надлежноста на специјализираните судови или комори често ќе се разликува од надлежноста на општите судови;честопати, тие се многу помалку на број, а понекогаш се наоѓаат само во главниот град на земјата. Специјализираните судови и комори може да вклучат судии-поротници.

42.          Најраспространетиот начин на остварување специјализција е преку формирање специјализирани комори или одделенија. Ова може да се постигне често со помош на внатрешни правила на судот. Главните сектори на специјализација се: семејно и малолетничко право; право за интелектуална сопственост; стопанско право; стечајно право; тешки кривични дела; истрага на кривични дела и извршување на кривични санкции.

i.              „Судии без правна обука“

43.          Во многу земји-членки постојат специјализирани судови или трибунали коишто се состојат од еден или повеќе судии со правна обука и еден или повеќе членови на судот или трибуналот коишто не се правници. Постои голема разновидност на таквите „судии без правна обука“,и невозможно е овде да се даде нивна сеопфатна анализа. Често, ваквите „судии без правна обука“ претставуваат една или друга група на интереси (на пр., вработени или работодавачи; газди или кираџии, échevins(одборници)), или имаат конкретна стручност соодветна за засегнатиот специјализиран суд или трибунал.

ii.             Професионални судии

44.          Професионалните судии може да станат специјализирани судии на неколку начини. Тоа може да биде преку искуството стекнато како специјализиран адвокат пред назначувањето за судија, или како резултат на искуството во специјализирана работа од назначувањето за судија. Алтернативно, специјализираниот судија може да добил конкретна обука во специјализирана област од правото, или во неправничка област, а потоа да бил назначен во специјализиран суд или да се занимавал со специјализирани случаи во општ суд.

45.          Специјализацијата на судиите на повисоки нивоа од судската структура каде што таа постои, сè уште треба да дозволува извесен степен на разновидност кај судиите за да има флексибилност при решавањето на сите видови предмети на повисоко ниво. Ваквата флексибилност е неопходна за да се обезбеди апелационите судови да си ја исполнат законската и уставната мисија, т.е. да се гарантира доследност при толкувањето и примената на законодавството и на судската пракса. Исто така, ваквата флексибилност ќе обезбеди специјализираната област да не се третира на апелациско ниво од претесна група судии, коишто потоа може да бидат во позиција да го наметнат своето гледиште во одредена област и така да спречат развивање на правото во таа област.

2.            Специјализација на одредени судови или судови во рамките на поголема група

46.          Во некои јурисдикции има специјализирани судови што постојат посебно од општите судови[8]. Во некои случаи, ваквите посебни специјализирани судови биле создадени како резултат на инструментите на ЕУ што овозможуваат формирање на специјализирани судови или сектори од судови со поширока надлежност[9]. Во други случаи, специјализираниот суд може да биде дел од поголема судска групација[10]. Во секој случај, самиот суд е специјализиран, како и судиите кои заседаваат во него. Структурата усвоена во секоја земја делумно е резултат на историјата, а делумно на барањето за одреден вид специјализиран суд или судија во таа јурисдикција.

3.            Регионална распределба на специјализирани судии

47.          Потребно е да се земе предвид фактот дека во некои високо специјализирани области, бројот на предмети изведени пред судовите е многу мал.Во таков случај, може да биде нужно специјализираните судии да се концентрираат во еден суд за да се обезбеди тие да имаат рамномерен број предмети по судија и да може да преземаат и друга неспецијализирана работа. Сепак, ако ваквата концентрација отиде предалеку, постои ризик специјализираниот суд да се оддалечи од корисниците; проблем којшто според КСЕС, треба да се избегнува.

4.            Човечки, материјални и финансиски ресурси

48.          Од суштинска важност е на специјализираните судии и судови да им се обезбедат адекватни човечки и материјални ресурси, особено информатичка технологија.

49.          Кога очекуваниот товар од предмети за специјализираните судови е мал во споредба со другите судови, треба да се размисли за развивање и користење ресурси и технологии што може колективно да се користат од неколку специјализирани судови, или дури уште подобро, од сите судови. Здружувањето човечки и материјални ресурси може да биде начин да се избегнат проблеми во врска со организирање на специјализацијата. Меѓутоа, создавањето големи „центри на правдата“ со општи и специјализирани судови и совети, со сè поголемо растојание меѓу судските локации, може да го попречи лесниот пристап до судовите.

50.          Барањата и трошоците на специјализираните судови и судии може да бидат поголеми од оние на општите судови и судии, на пр., затоа што се потребни специјализирани мерки на претпазливост, затоа што досиејата се обемни, или затоа што судењата и пресудите се долги.

51.          Кога во дадена област на специјализација може да се утврдат вакви дополнителни трошоци, постои оправданост на одредена група парничари да им се наплатат повисоки судски такси, за да се покријат сите тие дополнителни трошоци. Ова, на пример, може да важи за стопанските предмети или предметите од индустриско градежништво, или за предмети во врска со патенти или конкуренција, но, не и на пример, за специјализации во врска со старателство и издршка за деца, или други видови предмети од семејното право. Повисоките трошоци за специјализирани предмети не треба да ја надминуват дополнителната работа преземена од судовите и треба да бидат сразмерни на  работата што се подразбира за судовите, а во корист на специјализацијата, како за парничарите, така и за судовите. Не е разумно ниту пак оправдано, воведување на специјализирани судови единствено со цел да се добијат повеќе приходи.

В.        Специјализација и статус на судијата

1.            Статус на специјализираниот судија

52.          Кај сите видови специјализација опишани погоре, важно е улогата на судијата како член на судството да остане непроменета. Специјализацијата на судиите не смее да оправда или да бара какво било отстапување од принципот на независност на судството во кој било од неговите аспекти (т.е. незавиосност на судовите и поединечните судии, види Мислење на КСЕС бр. 1 (2001)).

53.          Водечкиот принцип треба да биде специјализираните судии да се третираат со почит за нивниот статус, никако поинаку од општите судии. Затоа, законите и правилата што го уредуваат назначувањето, мандатот, унапредувањето, неразрешливоста и дисциплината треба да бидат исти за специјализираните и за општите судии.

54.          Ова најдобро може да се постигне со постоење на едно тело составено од општи и специјализирани судии. Единствен корпус на судии ќе гарантира дека сите судии ги почитуваат основните права и принципи што мора универзално да важат. Според тоа, КСЕС не заговара создавање на различни судски тела или системи во согласност со одредени специјализации, што може да доведе до тоа различни судии да подлежат на различни правила во различни организации.

55.          КСЕС е свесен дека во многу европски земји традиционално постојат неколку различни судски хиерархии(на пр., обични и управни судови). Тие може да бидат поврзани и со разлики во статусот на судиите. КСЕС смета дека таквите посебни хиерархии може да го комплицираат спроведувањето и пристапот до правдата.

56.          Според гледиштето на КСЕС, треба да се обезбеди:

-           споровите околу надлежноста да не го ограничат пристапот до правдата или да предизвикаат одлагања спротивно на членот 6 од Конвенцијата;

-           соодветен пристап до други судски хиерархии, специјализирани судови, органи и функции да им биде достапен на сите судии;

-           сите судии со ист стаж да добиваат иста плата, со исклучок на некој конкретен надомест за специјални должности (видете го следниот став).

57.          Принципот на еднаков статус за општите и специјализираните судии треба да важи и за платата. Препораката бр. Rec(2010)12 на Комитетот на министри во членот 54 предвидува дека платата на судиите треба да биде „пропорционална со професијата и одговорностите“, за, меѓу другото, тие „да се заштитат од поттикнувања насочени кон влиајние врз нивните одлуки“[11]. Земајќи го ова предвид, секаква дополнителна плата или друг приход дадени исклучиво заради специјализацијата на судијата се чинат неоправдани, затоа што спецификите на професијата и товарот на одговорностите, по правило, се со еднаква тежина за општиот и специјализираниот судија. Дополнителната плата, другите приходи или одреден надомест (на пр., во случај на ноќно дежурство) може да бидат оправдани кога може да се утврди конкретна основа што дозволува заклучок дека спецификите на професијата на специјализираниот судија или товарот на неговите/нејзините одговорности (вклучувајќи го и личниот товар што може да дојде со назначување на специјализираната функција) бараат таква компензација.

58.          Етичките правила и правилата за кривична, граѓанска и дисциплинска одговорност на судиите не смее да се разликуваат меѓу општите и специјализираните судии. Стандардите на судиско однесување утврдени во Мислењето на КСЕС бр. 3 (2002) мора подеднакво да важат за специјализираните и неспецијализираните судии. Доволна основа за поинаков третман не е утврдена.

59.          Ако има веројатност специјализираниот судија да работи само со мала и специјализирана група адвокати, па дури и парничари, можеби ќе треба да преземе мерки на претпазливост при своето однесување за да ја обезбеди својата непристрасност и независност.

2.            Оцена и унапредување

60.          Во однос на оцената на работниот учинок на судијата, критериумите се многубројни и добро познати(видете ги Мислењата на КСЕС бр. 3 и 10 (2007)). Специјализацијата сама по себе не оправдува давање повисока вредност на работата на специјализираниот судија. Флексибилноста покажана при прифаќање едно или повеќе подрачја на специјализација може да биде релевантен фактор за оценување на работниот учинок на судијата.

61.          Затоа, Советот на судството или друг независен орган одговорни за оценување на работењето на судиите треба да бидат многу внимателни при определување дали и во колкава мера работењето на специјализираниот судија е споредливо со работењето на општиот судија. Ваквиот обид изискува особена ревност и внимателност, затоа што обично е полесно да се стекне јасна слика за работата на општ судија отколку на специјализиран кој можеби е член на мала група и чија работа можеби не е толку транспарентна и позната за оценувачот.

62.          Во однос на унапредувањето, важат слични согледувања[12]. Според КСЕС, предвременото унапредување на специјализираните судии само поради нивната специјализираност не е оправдано.

3.            Достапност на обука и специјализација

63.          Принципите утврдени во Мислењето на КСЕС бр. 4 (2003) за општа обука важат подеднакво и за специјализирана обука. Ова следи од фактот што, во принцип, статусот на специјализираните судии не се разликува од статусот на општите судии и од тоа што сите услови во поглед на заштита на судиската независност и во поглед на обезбедување најквалитетна можна обука важат како за областа на општите судии, така и за областа на специјализираните судии. Општо, обуките треба да бидат отворени за сите судии.

64.          Во принцип, треба да се почитува желбата на судијата да се специјализира. Во однос на ова, КСЕС упатува на своето Мислење бр. 10, и конкретно, на одредбите за избор на судии. Подеднакво, доволно обука[13] треба да биде на располагање во разумно време откако таа желба ќе се обзнани. Ваквата обука треба да се понуди пред назначувањето на судијата во специјализираното подрчје и треба да заврши пред започнувањето со новите функции.

65.          Мора да постои баланс меѓу барањата за обука и нејзината корисност и, од друга страна, достапните ресурси. Затоа, специјализираната обука не може да се очекува, на пр., кога за таква обука не може да се обезбедат ресурси или единствено може да се обезбедат на сметка на поважни потреби за обука. Не смее да се бара назначување во специјализирано подрачје доколку, на пример, очекуваниот работен товар во соодветното подрачје е премал за да оправда специјализирани судови или совети на судии. Големината на судот, или на судскиот округ, на регионот, па дури и на државата, може да наложат различни решенија во однос на специјализацијата и обуката во специјализирани области. Сепак, кога е соодветно, може да помогне соработка и преку државните граници, при континуираната обука.

4.            Улога на Советот на судството

66.          Надлежностите и обврските на Високиот совет на судството, кога постои такво или еквивалентно тело, треба да се применуваат на ист начин за општите и специјализираните судии. Специјалистите треба да бидат претставени или да имаат можност да ги претстават своите проблеми на сосема ист начин како општите судии. Но, заради јавниот интерес, треба да се избегнува фаворизирачки однос спрема едната или другата група.

5.            Специјализација и учество во здруженија на судии

67.          Специјализираните судии мора да имаат исто право како сите други судии да станат и да останат членови на здруженија на судии. Во интерес на кохезијата на судискиот корпус во целост, не се пожелни посебни здруженија за специјализирани судии. Нивните специфични тематски-ориентирани интереси како специјализирани судии, како што се стручна размена, конференции, состаноци и сл. треба да се задоволат; меѓутоа, нивните статусни интереси може и треба да се заштитат во рамките на општото здружение на судии.

Заклучоци

i.              КСЕС пред сè, го нагласува фактот што сите судии, без оглед дали се општи или специјализирани, мора да бидат стручни за умешноста на судењето.

ii.            Во принцип, доминантната улога во судските пресуди треба да ја имаат „општите“ судии.

iii.           Специјализирани судии и судови треба да се воведат само кога тоа е неопходно заради комплексноста или специфичноста на законот или фактите, па така  и заради соодветното спроведување на правдата.

iv.           Специјализираните судии и судови треба секогаш да останат дел од единствениот судски корпус во целост.

v.            Специјализираните судии, како и „општите“ судии, мора да ги исполнат барањата за независност и непристрасност во согласност со членот 6 од Конвенцијата за човекови права.

vi.           Во принцип, општите и специјализираните судии треба да имаат еднаков статус. Правилата за етика и одговорност на судиите мора да бидат исти за сите.

vii.          Специјализацијата не смее да го разреди квалитетот на правдата, ниту кај „општите“ судови, ниту кај специјализираните.

viii.        Мобилноста и флексибилноста од страна на судиите често ќе биде доволна за исполнување на потребите од специјализација. Во принцип, можноста за специјализација и обука како такви треба да им бидат достапни на сите судии. Специјализираната обука треба да се организира од страна на јавни институции за судска обука.

ix.           Наместо специјализирани помошници без правна обука кои се членови на специјализирани совети на судии, се претпочита вештаците да ги назначуваат судот или страните, а нивните мислења да може да се оспоруваат преку поднесоци од страните.

x.            Надлежностите и обврските на Советот на судството или на слично тело треба подеднакво да се применуваат како за општите, така и за специјализираните судии.



[1] Иако овие референтни документи не се занимаваат конкретно со специјализацијата на судиите, тие ги опфаќаат и специјализираните судии, кога принципите што се утврдени во нив важат за сите судии.

[2] Во прашалникот на КСЕС беа утврдени следниве специјализации како вообичаени примери во многу европски земји: семејни судови, малолетнички судови, управни судови/совети на државата, судови за имиграција/азил, судови за сметки, воени судови, даночни судови, трудови/социјални судови, судови за земјоделски договори, судови за тужби од потрошувачи, судови за мали тужби, судови за тестамент и оставина, судови за патенти/авторски права/трговски марки, стопански судови, судови за стечај, судови за земјишни спорови, арбитражни судови (Coursd’arbitrage), судови за сериозни кривични дела/поротни судови, судови за надзор на кривични истраги (на пр., издавање одобрение за апсење, за прислушување итн.), судови за надзор на кривично извршување и притвор во казнено-поправни установи.

Правото на Европската унија предвидува создавање на специјализирани комори или судови во специфични правни области како што се трговски марки на Заедницата (судови за трговски марки на Заедницата, чл. 90 од Регулативата (EЗ) бр. 40/94 на Советот од 20 декември, 1993 г. за трговските марки на Заедницата) и дизајни на Заедницата (Суд за дизајни на Заедницата, чл. 80 од Регулативата (EЗ) бр. 6/2022 на Советот од 12 декември 2001 г. за дизајни на Заедницата).

[3] На пример, во поротните судови во неколку земји-членки. „Поротниците“ се дефинираат како лица кои случајно се избираат за членови на поротата, наспроти лица без правничка подготовка кои заседаваат како членови на суд; види и став 43 подолу. Ваквите поротници може на пр., во кривични предмети да ја утврдуваат казната, како и да одлучуваат за вината на обвинетиот, а во граѓански предмети, може да одлучуваат за висината на штетите.

[4]Пример за ова е суд за патенти со судии кои немаат правни квалификации, но, имаат специфично техничко знаење.

[5] „Специјализираните судови“ мора да се разликуваат од „ад-хок“ или вонредните судови – види и став 37 подолу.

[6] Како на пример, во областа на здравството, индустриските несреќи, пожарите, градежништвото, технологијата и сл.

[7] Молиме видете Мислење бр. 1 (2001) на КСЕС, ставови 57, 59 и 60.

[8] Примери може да бидат стопанскиот суд(tribunaux de commerce) во Франција, трудовите трибунали во Белгија, трибуналите за работни односи во Британија.

[9] Видете ги примерите наведени во фуснотата 2.

[10]Во Англија и Велс, Судот за патенти е дел од судот кој главно се занимава со имотни и даночни спорови. Стопанскиот суд е дел од Судот на кралицата, којшто се занимава со договори и прекршоци, како и прашања од управното право.

[11] Видете и Мислење на КСЕС бр. 1, став 61.

[12] Видете Мислење на КСЕС бр. 1, став 29.

[13] Видете Мислење на КСЕС бр. 4, став 30.