Стразбур, 8 декември 2009 година

МИСЛЕЊЕ бр.12 (2009)
НА КОНСУЛТАТИВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ (КСЕС )
И
МИСЛЕЊЕ БР.4 (2009)
НА КОНСУЛТАТИВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ (КCЕЈО)
ДО КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
ЗА ОДНОСОТ МЕЃУ СУДИИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ

Ова мислење, заеднички усвоено од КСЕС и КCЕЈО содржи:
Декларација, т.н. « Декларација од Бордо» ;
Објаснување
ДЕКЛАРАЦИЈАТА ОД БОРДО
“СУДИИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ВО ДЕМОКРАТСКО ОПШТЕСТВО”1
На барање на Советот на министри при Советот на Европа за мислење за односите помеѓу судиите и јавните обвинители, КСЕС и КCЕЈО се согласија на следното:
1.Во интерес на општеството е да се гарантира владеењето на правото со правично, непристрасно и делотворно спроведување на правдата. Јавните обвинители и судиите во сите фази од постапката обезбедуваат гарантирање на индивидуалните права и слободи и заштита на јавниот ред. Тоа вклучува целосно почитување на правата на обвинетото лице и жртвата. Одлуката на обвинителот да не пристапи кон гонење треба да биде отворено за судско разгледување. Една од можностите е на жртвата да и се дозволи случајот да го поднесе директно до судот.
2. Правилното делење на правдата подразбира еднаквост на оружјата помеѓу обвинителството и одбраната, почитување на независноста на судот, принципот на поделба на власта и обврзувачката важност на конечните судски одлуки.
3. Соодветното извршување на посебните, но комплементарни улоги на судиите и јавните обвинители се гаранцијата потребна за правично, непристрасно и делотворно делење на правдата. И судиите и јавните обвинители мораат да бидат независни во својата функција, да бидат и да оддаваат впечаток дека се независни едни од други.
4. На правдата и се ставаат на располагање соодветни организациски, финансиски, материјални и човечки ресурси.
5. Улогата на судиите – и каде тоа е соодветно, на поротите – е соодветно судење на случаите што регуларно им ги поднесува јавното обвинителство, без несоодветен притисок од обвинителството или одбраната, и кој било друг извор.
6. Спроведувањето на законот, и каде тоа е соодветно, дискрециските права на обвинителството во претходната постапка, подразбира загарантиран со закон статус за јавните обвинители, на највисоко ниво, а на начин сличен како и кај судиите. Тие се независни и автономни во донесувањето одлуки и извршување на нивните функции на правичен, објективен и независен начин.
7. КСЕС и КCЕЈО се повикуваат на конзистентната судска практика на Европскиот суд за човекови права, а во врска со член 5, пара. 3 и член 6 на Европската конвенција за човекови права. Конкретно, тие се повикуваат на одлуките со кои судот го потврдува условот за независност од извршната власт и од странките на било какво лице овластено со закон да извршува судска власт. Но, со тоа не се исклучува подреденоста кон повисоките независни судски власти. Какво било препишување на судски функции на обвинителите треба да се ограничи само на случаите за кои се предвидени мали санкции, не треба да се извршува заедно со овластувањето за гонење во истиот случај, и не треба да го прејудицира правото на обвинетиот да добие одлука во случајот од страна на независна и непристрасна власт кој извршува судска функција.
8. За независниот статус на јавните обвинители се потребни некои минимални услови, а особено:
- позицијата и активностите на јавните обвинители да не подлежи на влијание или мешање од каков било извор надвор од самото обвинителство;
- регрутирањето, развојот во кариерата и сигурноста на работното место, вклучително и преместувањата, да се извршува само во согласност со законот или со нивна согласност, а паричниот надоместок да биде загарантиран со гаранции определени со закон.
9. Во една држава каде што постои владеење на правото, структурата на обвинителството е хиерархиски поставено, а делотворноста на обвинителството, во однос на јавните обвинители, е силно поврзано со постоењето на отворени линии на овластување, отчетност и одговорност. Упатствата до поединечните обвинители треба да се даваат написмено, во согласност со законот, и каде е тоа потребно, во согласност со јавно достапните насоки и критериуми на обвинителството. Било кое со закон дозволено разгледување на одлука на јавен обвинител за тоа дали да се пристапи кон гонење или не, треба да се врши непристрасно и објективно. Во сите околности, треба да се посвети соодветно внимание на интересите на жртвата.
10. За правилно спроведување на правдата потребно е сите професионалци вклучени во правниот процес да делат исти правни принципи и етички вредности. Обуката, вклучително и обука за раководење, е и право и обврска за судиите и јавните обвинители. Ваквата обука се организира на непристрасна основа, а нејзината делотворност се оценува редовно и објективно. Каде тоа е соодветно, заедничката обука на судии, јавни обвинители и адвокати за теми од заеднички интерес може да придонесе кон остварување на правда со највисок квалитет.
11. Интересот на општеството подразбира медумите да добиваат потребни информации за да можат да ја информираат јавноста за функционирањето на правосудниот систем. Надлежните власти доставуваат вакви информации имајќи ги особено предвид презумцијата за невиност на обвинетото лице, правото на правично судење и правото на приватен и семеен живот на сите лица вклучени во постапката. И судиите и обвинителите треба да изготват кодекс на добра практика или прирачници за секоја од професиите и нивните односи со медиумите.
12. И јавните обвинители и судиите се клучни играчи во меѓународната соработка за кривични работи. Потребно е зајакнување на взаемната доверба помеѓу надлежните власти од различни земји. Во тој контекст, информациите што обвинителите ги добиваат преку меѓународната соработка, а се користат во судската постапка мораат да бидат транспарентни и по содржина и по потекло. Таквите информации исто така треба да им бидат достапни и на судиите и на сите странки, со цел да се обезбеди делотворна заштита на човековите права и основните слободи.
13. Во земјите членки каде што јавните обвинители имаат и функции надвор од полето на кривичната право, горе наведени принципи се однесуваат и на овие функции.

ОБЈАСНУВАЊЕ
I. ВОВЕД:
a. Цел на мислењето
1. Основна задача на една демократска држава втемелена врз владеењето на правото е да ги гарантира основните права и слободи и да обезбеди целосна еднаквост пред законот, особено во контекст на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, и судската практика на Европскиот суд за човекови права. Истовремено, во една демократска држава е важно да се постигне сигурност и правда во општеството, на тој начин што ќе постојат делотворни мерки против криминалното однесување. Сигурноста во општеството во една демократска држава исто така мора да се гарантира и со делотворно спроведување на казни што се изрекуваат за криминалното однесување. (Декларација, параграф 1).
2. Следствено, државите имаат мисија да го постават и обезбедат фунционирањето на еден делотворен правосуден систем каде што се почитуваат човековите права и основни слободи. И покрај тоа што во оваа мисија учествуваат повеке актери, од јавниот или приватниот сектор (на пр. адвокатите), клучната улога во обезбедувањето на правда што фунционира на независен и непристрасен начин, ја имаат судиите и јавните обвинители.
3. Во своите претходни мислења, КСЕС и КCЕЈО се имаат осврнато на многу важни аспекти поврзани со ефикасноста на правдата, со посебен нагласок врз човековите права и основните слободи. Треба да се нагласи дека заедничката цел на судиите и обвинителите, вклучително и на јавните обвинители кои извршуваат и задачи надвор од полето на кривичното право, е да обезбедат правична, непристрасна и делотворна правда. Новината во ова мислење е тоа што е подготвено од судии и обвинители кои ги претставуваат нивните колеги на национално ниво и се занимава со теми одредени и усогласени од судиите и обвинителите врз основа на нивното практично искуство.
4. Следствено, овој документ се фокусира на основните аспекти на двете мисии, а особено: независноста, почитувањето на индивидуалните права и слободи, објективноста и непристрасноста, етиката и деонтологијата, обуката и односите со медиумите.
5. Ова мислење треба да се разгледува во контекст на односите што судиите и обвинителите ги имаат со лица професионално поврзани со правдата, кои се вклучени во разни фази од судската постапка, како на пример, адвокати, судски експерти, стручни соработници во судовите, судски службеници, полицијата, следствено на Рамковниот глобален акциски план за судиите во Европа, што Советот на министри го усвои на 7 февруари, 2001 година и препораката (2000) 19 за улогата на обвинителството во системот на кривична правда, што Комитетот на министри го усвои на 6 октовмри, 2000 година.

б. Разновидност на системи на ниво на држави
6. Во земјите членки на Советот на Европа, паралелно постојат повеќе правни системи:
1. англосаксонскиот правен систем каде што има јасна поделба помеѓу судиите и обвинителите, и каде што овластувањето во кривичната истрага не е комбинирано со други функции;
2. системот на континентално право, и тоа различни видови - каде што и судиите и обвинителите се дел од „судскиот корпус„ или спротивно на тоа, каде што само судиите можат да припаѓаат на тој корпус.
Исто така, во рамките на овие системи, автономијата на јавниот обвинител од извршната власт може да биде целосна или ограничена.
7. Целта на ова мислење е во светло на судската практика на судот, да се идентификуваат применливи принципи и пристапи, истовремено земајќи ги предвид и заедничките точки и разликите.
8. Гаранцијата за разделувањето на функциите е основен услов за непристрасност на судијата кон странките во постапката. Непристрасноста, според мислењето бр. 1 на КСЕС за стандардите за независност на судството и несменливоста на судиите (2001), е прва од институционалните гаранции што ја дефинира позицијата на судијата. Исто така, тоа претпоставува дека товарот на докажување и поднесувањето обвинителен акт му припаѓа на јавното обвинителство, што претставува една од првите процедурални гаранции за одлуката што ќе се донесе.
9. Според тоа, улогата на судиите во сите системи е различна од онаа на јавното обвинителство. Сепак, нивните поединечни мисии се комплементарни. Нема хиерархиски врски помеѓу судијата и обвинителот.
10. Независноста на јавното обвинителство претставува нужна последица од независноста на судството. Улогата на обвинителот во афирмирањето и бранењето на човековите права, на осомничените и обвинетите лица и на жртвите најдобро може да се извршува ако обвинителот е независен од извршната и законодавната власт при донесувањето одлуки, и во околности кога посебните улоги на судиите и обвинителите правилно се почитуваат. Во демократиите базирани врз владеењето на правото, законите ја даваат основата на политиките на прогон (Декларација, параграф 3).
в. Особености на функциите
11. Обвинителите и судиите мора да ја извршуваат својата функција на правичен, непристрасен, објективен и конзистентен начин, тие мора да ги почитуваат и да се стремат да ги заштитуваат човековите права, и да се стремат да обезбедат навремено и ефикасно работење на правосудниот систем.
12. Во извршувањето на функциите, обвинителите се потпираат или врз системот на дискрециско гонење (принципот на опортунитет) или врз системот на задолжително гонење (принципот на легалитет). Но, и во двата случаи, обвинителите дејствуваат не само во име на општеството во целина, туку извршуваат и задачи поврзани со одредени поединци – обвинетото лице на кое му следува правичност, и жртвата на кривичното дело, чии што права треба целосно да се земат предвид. Во таа смисла, и без прејудицирање на почитувањето на принципот на еднаквост на оружјата, обвинителот не може да се смета за еднаков со другите странки (Декларација, параграф 2). Исто така, Обвинителот треба уредно да ги зема предвид гледиштата и преокупациите на жртвите, и да презема или да се залага за активности со кои што тие ќе се информираaт за нивните права и за текот на постапката. Тие не треба да иницираат или да го продолжат гонењето во случај кога непристрасната истрага извршена врз основа на расположливите докази покажува дека обвинението е неосновано.
г. Постојни меѓународни инструменти
13. Неколку документи на Советот на Европа, како и судската практика на судот директно или имплицитно се однесуваат на темата поврзана со односите помеѓу судиите и јавните обвинители.
14. Прво и пред се, судот доделува задачи на судиите само во својство што тие го имаат како чувари на правата и слободите – види особено член 5 (правото на слобода и сигурност и член 6 (правото на правично судење) – но тоа истото го прави и во случајот на јавните обвинители (како резултат на член 5, параграф 1а и 3, и 6).
15. Една од задачите на судот е да ја толкува Европската конвенција за човекови права. Во таа смисла, тој има денесено неколку одлуки што влијаат врз односот помеѓу судиите и јавните обвинители.
16. Судот особено се занимавал во даден случај со проблемот на вклученост на едно лице и како обвинител и како судија (види пресуда од 1 октовмри, 1982 г. во случајот Пиерсак против Белгија 30-32), потребата од гаранции дека врз судовите или обвинителните власти никогаш нема да се врши политички притисок (пресуда од 12 февруари, 2008 г. во случајот Гуја против Молдавија 85-91) и потребата за заштита на судијата и јавните обвинители во контекст на слободата на изразување (пресуда од 8 јануари, 2008 г. во случајот Сајагили и други против Турција 33-40), процедуралните обврски на судовите и јавните обвинителства да истражуваат, гонат и казнуваат прекршувања на човековите права (пресуда од 15 мај, 2007 во случајот Рамсахаи и други против Холандија, 321-357) и на крај, придонесот на обвинителните власти во стандардизацијата на судската практика (пресуда од 10 јуни, 2008 г. во случајот Маринс де Кастро и Алвес Кореира де Кастро против Португалија, 51-66).
17. Во областа на кривичната постапка, Судот ги разгледувал статусот и овластувањата на јавното обвинителство и условите од член 5 параграф 3 на Европската конвенција за човекови права (во врска со други службеници „овластени со закон да вршат судска власт“) во контекст на повеќе фактички ситуации (види, inter alia, пресуди од 4 декември, 1979 година во случајот Шеисер против Швајцарија, 22-38, во ДеЈонг, Балјет и Ван ден Бринк против Холандија, 49-50), во Асенов и други против Бугарија, 146-150, во Ниедбала против Полска, 45-47, во Пантеа против Романија, 232 – 243, и во пресудата од 10 јули, 2008 година во случајот Медведјев и други против Франција, 61, 67-69). Судот исто така ги истражувал прашањата на статусот, јурисдикцијата и надзорните овластувања на обвинителските власти во случаи на прислушкување на телефонски разговори (пресуда од 26 април 2007 година, во случајот Думитру Попеску против Романија, 68-86), и присуството на обвинителните власти во работата на Врховните судови (пресуди од 30 октомври, 1991 год. во случајот Боргерс против Белгија, 24-29, и од 8 јули, 2003 г. во Фонтен и Берлин против Франција, 57-67).
18. Конечно, надвор од рамките на кривичната сфера, Судот има солиден корпус на случаи од судската практика кои се занимаваат со „доктрината на форма“ (doctrine of appearances ) спроед која присуството на обвинителите при пресудувањето на судовите е спротивно на член 6 параграф 1 на Eвропската конвенција за човекови права (пресуда од 20 февруари, 1996 г. во Лобо Махадо против Португалија, 28-32, и од 12 април, 2006 г., во Мартини c.Франција [GC], 50-55).
19. Други документи подготвени од Советот на Европа се:
- Препораката Rec (94)12 на Комитетот на министри, во врска со независноста, ефикасноста и улогата на судиите, каде што се согледува врската помеѓу судиите и јавните обвинители, барем во земјите каде што обвинителите имаат судско овластување во рамки на значењето што на овој термин му го одредува судот.
- Препораката Rec (2000)19 на Комитетот на министри за улогата на јавното обвинителство во системот на кривичната правда, каде што јасно се нагласуваат односите помеѓу судиите и обвинителите, а истовремено се подвлекуваат и општите принципи што се клучни како гаранција дека ваквите односи недвосмислено придонесуваат кон правилното извршување на работата на судиите и јавните обвинители. Особено се нагласува обврската на државите да „преземаат соодветни мерки со кои ќе се обезбеди дека правниот статус, надлежностите и процедуралната улога на јавните обвинители се утврдени со закон и на начин што не остава простор за било какво легитимно сомневање во врска со независноста и непристрасноста на судиите во судот„.
- Препораката Rec (87)18 на Комитетот на Министри во врска со поедноставувањето на кривичната правда, каде што се наведуваат различни примери на работни задачи што претходно биле доделувани само на судии, а сега им се доверуваат на јавното обвинителство (чија што примарна мисија останува отпочнувањето и водењето на прогонот). Овие нови задачи создаваат дополнителни услови во врска со организацијата на јавното обвинителство и изборот на лица кои што ќе ги вршат тие функции.
II. СТАТУСОТ НА СУДИИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ
a. Гаранции за внатрешната и надворешната независност на судиите и јавните обвинители; владеењето на правото како услов за нивната независност.
20. Судиите и јавните обвинители треба да се независни едни од други, и треба да имаат ефективна независност во извршувањето на нивните функции. Тие извршуваат различни должности во правосудниот систем и во општеството во целина. Последователно, постојат различни перспективи за институционална и функционална независност. (Декларација, параграф 3).
21. Судството се темели врз принципот на независност од каква било надворешна власт и инструкции од каков било извор, и отсуство на внатрешна хиерархија. Неговата улога, и во соодветни околности, улогата на поротите, е правилно да ги суди случаите поднесени од обвинителството и странките. Тоа подразбира отсуство на какво било неприкладно влијание од јавниот обвинител или одбраната. Судиите, обвинителите и адвокатите на одбраната треба ги почитуваат улогите на другите (Декларација, параграф, 5).
22. Фундаменталниот принцип на независноста на судиите е вграден во член 6 на Европската конвеција за човекови права и нагласуван во претходните мислења на CCJE.
23. Функцијата на судиите подразбира одговорност за донесување обврзувачки одлуки за лицата во случајот и пресудување врз основа на законот. Овие две нешта се прерогатив на судиите, на судската власт независна од другите власти во државата2. Генерално земено, тоа не е мисијата на јавните обвинители, кои се одговорни за покренување и водење на кривичните постапки.
24. КСЕС и КCЕЈО укажуваат на конзистентната судска практика на судот во врска со членот 5, параграф 3 и членот 6 на Европската конвенција за човекови права. Конкретно, тие укажуваат на одлуката во случајот Шеисер против Швајцарија, го потврдува условот за независност од извршната власт и од странките на било какво лице овластено со закон да извршува судска власт, што пак не ја исклучува подреденоста кон повисоките независни судски власти. (Декларација, параграф 7).
25.Некои земји членки, на јавните обвинители им доделуваат овластување за донесување обврзувачки одлуки во одредени области наместо тие да го вршат кривичното гонење, или со цел да заштитат одредени интереси. КСЕС и КCЕЈО сметаат дека какво било доделување на судска функција на обвинителите треба да се ограничи на случаи со мали санкции, дека тоа не треба да се извршува заедно со овластувањето за гонење во истиот случај, и дека тоа не треба да ги прејудицира правата на обвинетиот, одлуката во случајот да ја донесе независен и непристрасен орган кој што ги извршува судските функции. Во ниедна околност со тоа не смее да им се дозволи на јавните обвинители да донесуваат конечни одлуки со кои се ограничуваат индивидуалните слободи или кои подразбираат лишување од слобода без право за жалба пред судија или суд (Декларација, параграф 7).
26. Јавното обвинителство е независна власт чие што постоење треба да се темели врз законот, на највисоко можно ниво. Во демократските држави, ниту парламентот ниту кое било владиното тело не треба неприкладно да влијае врз одредена одлука на јавните обвинители во врска со поединечни случаи, да упатува на тоа како треба да се врши гонењето на некој случај, или пак да ги ограничува јавните обвинители да ги менуваат нивните одлуки (Декларација, параграф 8 и 9).

27. Независноста на јавните обвинители е неопходна за да тие можат да ја извршуваат нивната мисија. Со тоа се зајакнува нивната улога во правната држава и во општеството, и е гаранција дека правосудниот делува правично и делотворно, реализирајќи ги целосните предности од судската независност (Декларација, параграф 3 и 8). Така, слично на независноста што им припаѓа на судиите, независноста на јавните обвинители не е прерогатив или привилегија што се доделува во интерес на обвинителите, туку гаранција во интерес на правичнa, непристрасна и делотворна правда што ги штити и јавните и приватните интереси на засегнатите лица.

28. Фунцијата на обвинителот, која што може да се окарактеризира со принципите на задолжително или дискреционо гонење, се разликува во зависност од системот што постои во одредена земја, позицијата што јавниот обвинител ја има во институционална рамка и кривичната постапка.
29. Без оглед на статусот, јавните обвинители мора да уживаат целосна функционална независност при извршувањето на нивните правни улоги, било да се тие казнени или не. Без оглед на тоа дали тие се или не се хиерархиски поставени, со цел да се обезбеди нивната отчетност и да се спречи отпочнувањето на постапката на арбитрарен или неконзистентен начин, јавните обвинители мора да обезбедат јасни и транспарентни насоки во врска со извршувањето на нивните обвинителски овластувања (Декларација, параграф 9).
30. Во тој поглед, КСЕС и КCЕЈО сакаат особено да се повикаат на Препораката (2000) 19 со која што се утврдува дека државите треба се стремат кон дефинирање на општи принципи и критериуми како референца наспроти одлуките на обвинителите во поединечни случаи, а со цел да се промовира еднаквост, конзистентност и ефикасност на активностите на јавното обвинителство.
31. Упатствата до обвинителите треба да се во писмена форма, во согласност со законот, и во случаи каде тоа е применливо, во согласност со јавно достапните водичи и критериуми за обвинителството. (Декларација, параграф 9) 3.
32. Секоја одлука за тоа дали да се пристапи кон гонење или не, мора да биде правно одржана. Секое разгледување согласно законот на одлуката на обвинителот дали да пристапи или не кон гонење треба да се врши непристрасно и објективно, било тоа да го прави самото обвинителство или независната судска власт. Интересот на жртвата и правните интереси на кое било друго лице секогаш треба уредно да се земаат предвид (Декларација, параграф 9).
33. Комплементарната природа на функциите на судиите и обвинителите значи дека и едните и другите се свесни за тоа дека непристрасната правда бара еднаквост на оружјето помеѓу јавното обвинителство и одбраната, и дека јавните обвинители секогаш мора да работат чесно, објективно и независно. Судиите и јавните обвинители мора секогаш да го почитуваат интегритетот на осомничените и обвинетите лица и жртви, како и правата на одбраната (Декларација, параграф 2 и 6).
34. Независноста на судијата и обвинителот не може да се одвои од владеењето на правото. Судиите, исто како и обвинителите, работат за заедничкиот интерес, во име на општеството и граѓаните кои сакаат сите аспекти на нивните права и слободи да бидат гарантирани. Тие интервенираат во сфери каде што најчувствителните човекови права (индивидуалните слободи, приватноста, заштитата на добрата, итн.) заслужуваат најголема заштита. Обвинителите мора да обезбедат прибирање на докази и започнување и водење на постапка во согласност со законот. При тоа, тие мора да се придржуваат кон принципите наведени во Европската конвеција за човекови права и други меѓународни инструменти – презумција на невиноста, право на одбрана и правично судење. Судиите мора да обезбедат.почитување на овие принципи во постапката.
35. На јавниот обвинител му е дозволено кај судијата да покренува постапки и поднесува поднесоци утврдени со закон, со кои на судијата му ги предочуваaт фактичките состојби и законите што го поддржуваат таквиот став. Но, обвинителот не може на каков било начин да се меша во процесот на донесување на одлуката на судијата, и е обврзан да ги почитува одлуките на судијата. Обвинителот не може да се противи на спроведувањето на таквите одлуки, освен да го оствари правото на начин што е одреден со закон (Декларација, параграф 4 и 5)
36. Активностите и однесувањето на јавниот обвинител и судијата не треба да оставаат никакво сомнение во однос на нивната објективност и непристрасност. И судиите и јавните обвинители мораат да уживаат независност во однос на нивната функција, а исто така да бидат и да оддаваат впечаток дека се независни едни од други. Во очите на странките и на општеството во целина, не смее да постои ни најмало сомневање дека судиите и обвинителите се во дослух(тесна соработка), или дека постои конфузија на двете функции.
37. Почитувањето на горенаведените принципи подразбира статус за обвинителите што ќе биде гарантиран со закон на највисоко можно ниво, на сличен начин како кај судиите. Блискоста и комплементарната природа на мисиите на судиите и обвинителите претпоставуваат слични услови и гаранции за нивниот статус, услови за работа во врска со регрутирањето, обуката, развојот на кариерата, дисциплината, преместувањата (кои се одвиваат само во согласност со законот или со нивна согласност), паричниот надоместок, прекинувањето на функцијата и слободата за формирање професионални здруженија (Декларација, параграф 8).
38. Согласно системот што постои во земјата, и судиите и обвинителите треба да се во директна врска со администрацијата и управата на нивните соодветни служби. За таа цел, потребно е на судиите и обвинителите да им се стават на располагање доволно финансиски средства, инфраструктура, соодветни човечки и материјални ресурси кои што тие ќе ги користат и со нив ќе управуваат (Декларација, параграф 4)
б. Етиката и деонтологијата кај судиите и јавните обвинители
39. Судиите и јавните обвинители треба да бидат лица со висок интегритет и соодветни професионални и организациски вештини. Поради природата на нивната функција, што тие свесно и со знаење ја прифаќаат, судиите и обвинителите се постојано изложени на јавна критики, и следствено, мораат да си постават задача да бидат воздржани без прејудицирање на нивното право, во рамките на законот, да ги комуницираат случаите на кои што работат. Како главни актери во спроведувањето на правдата, тие секогаш треба да ја одржуваат честа и достоинството на нивната професија и во сите ситуации да се однесуваат на начин соодветен на функцијата4 (Декларација, параграф 11)
40. Судиите и јавните обвинители треба да се воздржуваат од какви било активности и однесување што можат да ја нарушат довербата во нивната независност и непристрасност. Тие треба внимателно и во разумно време, објективно и независно да ги разгледуваат случаите што им се дадени за работа.
41. Јавните обвинители треба да се воздржуваат од давање јавни коментари и изјави со посредство на медиумите, што може да создаде впечаток на директен или индиректен притисок врз судот со цел да се дојде до одредена одлука или пак можe да ја наруши правичноста на постапката.
42. Судиите и јавните обвинители треба да стремат кон тоа да се запознаат со етичките стандарди кои владеат кај едната и другата функција. Така ќе се зајакне познавањето и почитувањето на мисијата што ја има секој од нив, и на тој начин се зголемуваат можностите за хармонична соработка.
в. Обука на судии и јавни обвинители
43. Професионални вештини на највисоко ниво е предуслов за довербата што јавноста ја има во судиите и јавните обвинители, која што пак е основниот темел на нивната легитимност и улога. (Декларација, параграф 10).
44. Обуката на судиите и јавните обвинители вклучува не само стекнување на професионална способност за пристапување кон професијата, туку и постојана обука во текот на целата кариера.Таа опфаќа најразлични аспекти од нивниот професионален живот, вклучително и административното раководење со судовите и одделите во обвинителството, а мора да одговори и на потребите за специјализација. Во интерес на правилното администрирање на правдата, постојаната обука потребна за одржување на високото ниво на професионални квалификации и за нивно докомплетирање не е само право, туку и обврска за судиите и јавните обвинители (Декларација, параграф 10).
45. Во соодветни околности, заедничка обука за судиите, јавните обвинители и адвокатите на теми од заеднички интерес може да придонесе кон остварување на правда од највисок квалитет. Овие заедничи обуки треба да овозможат создавање основа за заедничка правна култура (Декларација, параграф 10).
46. Различните европски правни системи овозможуваат обука за судии и обвинители според различни модели. Во некои земји постојат академии, национални школи или друг вид специјализирани институции; во други пак, оваа надлежност се дава на конкретни тела. За судиите и јавните обвинители треба да се организираат меѓународни курсеви за обука. Но во сите случаи, битно е да се обезбеди автономниот карактер на институцијата одговорна за организирање на ваквите обуки, бидејќи автономијата е таа што го штити културниот плурализам и независноста.5
47. Во тој контекст, големо значење се придава на директниот придонес на судиите и обвинителите во курсевите за обука, бидејќи им овозможува да даваат мислења стекнати низ нивното професионално искуство. Курсевите не треба само да го покриваат правото и заштитата на индивидуалните слободи; тие исто така треба да покриваат модули за практики во управувањето и проучување на мисиите што ги имаат судиите и обвинителите. Истовремено, неопходен е и придонесот на адвокатите и академските кругови, заради избегнување на ограничениот пристап. Конечно, квалитетот и ефикасноста на обуката треба редовно да се оценува на објективен начин.
III. УЛОГИТЕ И ФУНКЦИИТЕ НА СУДИИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ ВО КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА
a. Улогите на судиите и јавните обвинители во предходната постапка
48. Во предходната постапка, судијата независно, а понекогаш и заедно со обвинителот, ја надгледува легалноста на истражните дејствија, особено кога тие влијаат врз основните права (одлуки за апсење, притварање, запленување, примена на посебни истражни техники, и сл.)
49. Како генерално правило, јавните обвинители треба да ја анализираат законитоста на истрагите и да го следат почитувањето на човековите права од страна на истражителите при донесувањето одлуки за тоа дали треба да отпочне или продолжи гонењето.
50. Препораката (2000)19 вели дека во случаи кога полицијата е ставена под надлежност на јавните обвинители, или кога полициските истраги се вршат или се надгледуваат од страна на обвинител, државата треба да преземе делотворни мери со кои што ќе му се овозможи на јавниот обвинител да дава инструкции и врши оценка и контрола, и да санкционира одредени прекршувања. Во случаи кога полицијата е независна од јавните обвинители, препораката само вели дека државата треба да превземе делотворни мерки за обезбедување на соодветна и функционална соработка помеѓу јавните обвинители и истражните власти.
51. Дури и во системи каде што истрагата ја надгледува обвинителот, и чиј што статус му дава судско овластување, многу е битно мерките што се превземаат во овој контекст, а се поврзани со значителна повреда на слободите, особено времениот притвор да бидат следени од судија или судот.
б. Односите меѓу судиите и јавните обвинители во текот на гонењето и расправата пред судот
52. Во некои држави, јавните обвинители можат да го регулираат протокот на случаите така што имаат дискреционо право да одредуваат кои случаи ќе одат на суд, а кои случаи можат да се разрешат без судска постапка (помирување помеѓу обвинетиот и жртвата, постигнување договор пред судењето со согласност да двете страни, поедноставени и скратени постапки поврзани со одредување на степенот на вината (plea bargaining) , медијација, итн.) и сето тоа принесува кон намалувањето на заостатокот во судскиот систем и одредувањето на приоритети при гонењето.
53. Ваквите овластувања на јавното обвинителство, кои се одраз на модернизацијата, социјализацијата, хуманизацијата и рационализацијата во администрирањето на кривичната правда, се корисни за намалување на преоптоварувањето на судовите. Од друга страна, правото што го имаат обвинителите да не поднесуваат одредени случаи пред суд, наметнува потреба за спречување на арбитрарно дејствување, дискриминација или евентуални незаконски притисоци од политичката власт, и за заштита на правата на жртвите. Исто така е потребно на засегнатите лица, а особено на жртвите, да им се овозможи да побараат разгледување на одлуката на обвинителот тој да не пристапи кон гонење. Една можна опција е на жртвата да и се дозволи сама да го поднесе случајот директно пред судот.
54. Според тоа, во земји каде што постои систем на дискрециско гонење, обвинителот треба внимателно да разгледа дали ќе пристапи или не кон гонење, земајќи ги предвид сите насоки или критериуми усвоени со цел да се постигне конзистентност во одлуките на обвинителството.
55. Непристрасноста на обвинителите во текот на постапката треба да се разбере на следниот начин: тие треба да постапуваат правично и објективно со цел на судот да му ги обезбеди сите релевантни факти и правни аргументи, а особено да обезбеди обелоденување на доказите во прилог на обвинетиот; правилно да ја земат предвид позицијата на обвинетото лица и на жртвата; да проверат дека сите докази се добиени на начин кој што му овозможуваат да судијата да ги прифати, согласно правилата за правично судење, и да одбијат користење на докази добиени со прекршување на човековите права, како на пример тортура (Декларација, параграф 6).
56. Обвинителите нема да отпочнат или продолжат со гонењето и ќе ги вложат сите напори да ја запрат постапката кога сo непристрасна истрага или разгледување на доказите ќе се укаже дека обвинението е неосновано.
57. Во основа, во текот на постапката, судиите и јавните обвинители ги извршуваат своите функции со цел правично кривично судње. Судијата ја нагледува легалноста на доказите добиени од страна на јавните обвинители или истражителите и може да го ослободи обвинетиот доколку нема доволно докази или ако тие се добиени по незаконски пат. Јавните обвинители исто така може да имаат право за жалба на судската одлука.
в. Правото на одбраната на сите нивоа од постапката

58. Судиите мораат да ги применуваат правилата на кривичната постапка, истовремено почитувајќи ги правата на одбраната (давање можност да обвинетите лица да ги остваруваат нивните права, известување на обвинетите лица за обвинението покренато против нив, итн.), правата на жртвите во постапката и принципот на еднаквост на оружјето и правото на јавно сослушување, за да во сите случаи се гарантира правичното судење 6 (Декларација, параграф 1, 2, 6 и 9).

59. Обвинителниот акт има клучна улога во кривичната постапка: од моментот на неговото доставување, обвинетите лица формално и написмено се известуваат за фактичката и правната основа на обвиненијата покренати против нив (пресуда на Европскиот суд за човекови права од 19 декември, 1989 г. во случајот Камасинки против Австрија, 79). Во кривичниот процес, „правичното судење“ што се бара според Член 6 параграф 1 на Европската конвеција за човекови права значи дека обвинетите лица имаат право да ги оспорат доказите против нив, како и правната основа на обвинението.
60. Во земјите каде што јавните обвинители ја надгледуваат истрагата, обвинителот исто така треба да обезбеди почитување на правата на одбраната. Во земјите каде што кривичната истрага ја води полицијата или други власти за спроведување на законите, судиите се вклучени како гаранција за индивидуалните слободи (habeas corpus), особено во случај на притвор, и тие треба да го обезбедат почитувањето на правата на обвинетото лице.
61. Но, во многу земји, судијата и обвинителот стануваат одговорни за следење на остварувањето на правата на одбраната само откако ќе заврши истрагата и ќе почне разгледувањето на обвиненијата. Откако ќе го добие извештајот од истрагата, обвинителот и судијата, кој ги разгледува обвинувањата и собраните докази, треба да го обезбедат навременото известување на лицата обвинети за кривично дело за тоа дека се обвинети на јазик што тие целосно го разбираат, и деталното информирање за природата и причината за обвинението против нив.
62. Во зависност од нивната улога во одредена земја, обвинителите и судиите мора да обезбедат доволно време и услови за лицето да ја подготви одбраната, да гарантираат дека тоа лице има соодветна одбрана, доколку е тоа е потребно и со службено назначен адвокат платен од државата, и доколку тоа е потребно, пристап до толкувач, и да обезбедат дека лицето е во можност да побара превземање активности потребни за утврдување на вистината.
63. Откако случајот ќе се најде пред судот, овластувањата на судијата и обвинителот се разликуваат во зависност од улогата што тие ја имаат во текот на судењето. Но како и да е, доколку недостасува која било од компонентите што значат почитување на правата на одбраната, судијата или обвинителот, или двајцата, во зависност од конкретниот правен систем, треба да се во можност да ги посочат состојбите и објективно да ги поправат.
IV. ОДНОСИТЕ ПОМЕЃУ СУДИИТЕ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ НАДВОР ОД ПОЛЕТО НА КРИВИЧНОТО ПРАВО И ВО ВРХОВНИТЕ СУДОВИ
64. Во зависност од државата каде што работат, обвинителите може да имаат или да немаат функции надвор од полето на кривичното право.7 Во случај кога тие имаат такви задачи и функции, тоа можат да бидат, inter alia, од областа на граѓанското, управното, трговското, социјалното, изборното и правото за работни односи, како и заштитата на животната средина, социјалните права на ранливи групи како што се малолетните лица, лица со хендикеп и лица со многу ниски приходи. Улогата на обвинителот во тој поглед не треба да дозволува нивно влијание врз процесот на донесувањето на конечната одлука од страна на судиите. (Декларација, параграф 13)
65. Исто така, вредно е да се напомене улогата што јавните обвинители во одредени земји ја имаат во Врховните судови. Оваа улога е слична со онаа на државниот правобранител пред судот на правдата на Европските заедници. Пред овие јурисдикции, државниот правобранител (или функција од таков вид) не е странка и не ја застапува државата. Тој е независна власт што донесува заклучоци, во секој поединечен случај или во случаи од посебен интерес, со цел на судот да му се разјаснат сите аспекти од правното прашање во случајот што се разгледува и со цел да се обезбеди правилна примена на законите.
66. Во согласност со владеењето на правото во демократските општества, сите овие надлежности на јавните обвинители и постапките за извршување на овие надлежности треба да се точно утврдени со закон. Кога обвинителите делуваат надвор од полето на кривичното право, тие треба да ја почитуваат ексклузивната надлежност на судијата или судот, и да ги имаат предвид принципите особено развиени преку судската практика на судот, и тоа на следниот начин:
- Учеството на обвинителството во судската постапка не треба да влијае врз независноста на судовите;
- Принципот на поделба на власта треба да се почитува и во контекст на задачите и активностите на обвинителите надвор од полето на кривичното право, и во улогата на судовите во заштитата на човековите права
- Без прејудицирање на нивниот прерогатив да го застапуваат јавниот интерес, обвинителите треба да ги уживаат истите права и обврски како сите други страни и не треба да имаат привилегирана позиција во судската постапка (принцип на еднаквост на оружјето).
- Активностите на обвинителството во име на општеството за бранење на јавните интереси и правата на поединците не го прекшува принципот на обврзувачко дејство на конечните судски одлуки (res judicata), со одредени исклучоци утврдени во согласност со меѓународните обврски, вклучително и судската практика на судот.
Другите принципи наведени во Декларацијата се однесуваат на сите функции на јавните обвинители надвор од кривичното право, mutatis mutandis (Декларација, параграф 13).
V. СУДИИ, ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ И МЕДИУМИ (Декларација, параграф 11)
67. Медиумите играат клучна улога во едно демократско општество, и генерално земено и конкретно во однос на правосудниот систем. Перцепцијата на општеството за квалитетот на правдата е под големо влијание на известувањата на медиумите за тоа како функционира системот на правосудниот систем. Јавноста исто така придонесува за постоењето на правично судење, со оглед дека ги заштитува страните во спорот од не-транспарентно спроведување на правдата.
68. Зголеменото јавно и медиумско интересирање за кривичните и граѓанските постапки доведува до се поголема потреба од објективно информирање на медиумите од страна на судовите и јавното обвинителство.
69. Во едно демократско општество, од суштинско значење е судовите да влеваат доверба кај јавноста8. Јавниот карактер на постапката е еден суштински начин за одржување на довербата во судовите.
70. Во рамки на Советот на Европа, два главни документа се занимаваат со ова прашање: препораката (2003)13 за одредбата за информирање преку медиумите во однос за кривичните постапки и мислењето бр. 7 од КСЕС за правдата и општеството (2005).
71. Имајќи го предвид правото на јавноста да добива информации од општ интерес, на новинарите мора да им се даваат потребните информации за да тие можат да известуваат и го коментираат функционирањето на правосудниот систем, имајќи ја предвид обврската на судиите и обвинителите за дискреција во тековните случаи и ограничувањата утврдени со домашното законодавство и согласно практиката на судот.
72. Медиумите, исто како и судиите и јавните обвинители, ги почитуваат основните принципи како што се презумцијата на невиност 9 и правото на правично судење, правото на приватен живот на засегнатите лица, како и потребата да се избегнува повреда на принципот и на впечатокот за непристрасност на судиите и јавните обвинители вклучени во одреден случај.
73. Медиумското покривање на случаи што се во фаза на истрага или пак се судат, може да предизвика инванзивно мешање и да произведе непримерно влијание или притисок врз судиите, поротниците и јавните обвинители кои работат на одредени случаи. На судиите и јавните обвинители им се потребни добри професионални вештини, високи етички стандарди и силно чувство на само-воздржување за да се справат со ваквите предизвици.
74. Лицата одговорни за контакти со јавноста, на пример лица за јавно информирање или група судии и обвинители обучени за одржување контакти со медиумите, можат да им помогнат на медиумите за да тие можат точно да информираат за работата и одлуките на судовите, и на тој начин да им помагаат на судиите и обвинителите.
75. Судиите и обвинителите треба да имаат взаемна почит за специфичната улога што секој од нив ја има во правосудниот систем. И судиите и обвинителите треба да утврдат насоки или кодекс на добри практики за секоја од овие професии во нивните односи со јавноста 10. Според одредени национални етички кодекси, судијата треба да се воздржува од давање коментари за тековни случаи, за да не се даваат изјави кои можат да предизвикаат сомневање на јавноста во однос на непристрасноста на судијата 11, и да избегнуваат прекршување на презумцијата на невиност. Како и да е, судиите треба пред се да се искажуваат преку одлуките што ги донесуваат; кога судиите даваат изјави за медиумите во врска со тековни случаи или случаи разрешени по правен пат, важно е тие да бидат дискретни и да внимаваат на правиот избор на зборови12 . Јавните обвинители треба да се внимателни кога коментираат постапка или пресуда, и своето несогласување да го изразуваат со жалба, доколку тоа е соодветно.
VI. СУДИИ, ОБВИНИТЕЛИ И МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
(Декларација, параграф 12)
76. Со цел да се обезбеди делотворна заштита на човековите права и основни слободи, важно е да се напомене потребата од ефикасна меѓународна соработка, а особено помеѓу земјите членки на Советот на Европа врз основа на вредностите потврдени во релевантни меѓународни инструменти, особено Европската конвенција за човекови права. Меѓународната соработка мора да се гради врз взаемна доверба. Информациите што се добиваат преку меѓународната соработка и се користат во судските постапки мора да бидат транспарентни по содржина и потекло; тие мора да бидат достапни до судиите, јавните обвинители и странките. Ќе се јави потреба од спречување на меѓународната судска соработка без судски мониторинг и особено без соодветно земање предвид на правата на одбраната и заштитата на личните податоци.

1 Оваа Декларација има и пропратно објаснување. Декларацијата е заеднички подготвена од работните групи на КСЕС и КCЕЈО во Бордо (Франција) и е званично усвоена од КСЕС и КCЕЈО во Брдо (Словенија) на 18 ноември, 2009 г.
2 Види особено мислење бр.1 (2001) за стандардите на КСЕС за независноста на судствово и несменливоста на судиите и препораката Rec(94)12 за независноста, ефикасноста и улогата на судиите.
3 Исто така види мислење на КCЕЈО бр. 3 (2008) за улогата на јавниот обвинител надвор од полето на кривичната постапка.
4 За судиите види пример во мислење бр. 3 (2002) на КСЕС за принципите и правилата за професионално однесување на судиите, а особено етиката, несодветното однесување и непристрасност (2002) и бангалорските принципи за судско однесување (усвоени од ЕКОСОК на ООН во 2006 г). и универзалната повелба за судии, усвоена од Централниот совет на меѓународното здружение на судии на 17 ноемвр 1999 г. во Тајпеј (Тајван). За обвинители, додатно на насоките на ООН за улогата на обвинителите (1990), види европски насоки за етика и однесување на јавните обвинители (Будимпештански насоки) условени од државните јавни обвинители на Европа на 31 мај, 2005 година на конференцијата во Будимпешта.
5 Види мислење бр. 4 (2003) на КСЕС за соодветна почетна и контиуирана обука за судии на национално и европско ниво и мислење бр. 10 (2007) на КСЕС за Судскиот совет во служба на општеството, параграф 65-72.
6 Види мислење бр.. 8 (2006) на КСЕС за улогата на судиите во заштитата на владеењето на правото и човековите права во контекст на тероризмот.
7 Види пример во мислењето бр. 3 на КCЕЈО “за улогата на јавното обвинителство надвор од полето на кривичното право”.
8 За ова прашање, види Европски суд за човекови права, Олујиќ против Хрватска, (апликација бр. 22330/05)
9 Меѓудругото види: принцип I од додатокот на препораката Rec (2003)13 и соодветниот меморандум на објаснување.
10 Предложено за судии и новинари со мислењето бр. 7 на КСЕС за правдата и општеството, параграф 39 (2005).
11 Види пример во мислење бр. 3 на КСЕС за етиката и одговорноста на судиите, параграф 40 (2003).
12 Види пример од Европскиот совет за човекови права, Дактарас против Литванија, (апликација бр. 42095/98) и Олујиќ против Хрватска, (апликација бр. 22330/05)



 Top