КОНСУЛТАТИВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ (КСЕС/ССЈЕ)

Мислење бр. 11 (2008) на Консултативниот совет на европски судии (КСЕС/ССЈЕ) упатен до Комитетот на министри на Советот на Европа
во врска со квалитетот на судиските одлуки

Со цел да се потпомогне дисеминацијата на ова Мислење, Земјите членки би требало да се погрижат, доколку е возможно, истото да се преведе на нивните национални јазици.

ОПШТ ВОВЕД
1. Квалитетот на правдата е константна и одамнешна грижа на Советот на Европа, што особено се гледа во конвенциите, резолуциите и препораките усвоени под негово покровителство во поглед на обезбедување на пристаp до правдата, на подобрување и поедноставување на процедурите, на намалување на обемот на работа на судовите и на рефокусирање на работата на судиите кон чисто судиски активности1.
2. Во овој контекст и во согласност со својот опис на задачи, Консултативниот совет на европските судии (КСЕС/CCJE) одлучи да му го посвети Мислењето бр. 11 на квалитетот на судиските одлуки, кој претставува главна компонента на квалитетот на правдата.
3. Јасното образложение и анализа се основни барања во една судиска одлука и се важен аспект на правото за фер судење. Членот 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права и фундаментални слободи (во понатамошниот текст ЕКЧП), на пример, бара државите да воспостават независни и непристрасни трибунали и да промовираат воведување на ефикасни процедури. Исполнувањето на оваа обврска го добива своето полно значење кога судиите, како резултат на истото, се оспособени да делат правда праведно и коректно, во поглед на своите наоди и во врска со правото и со фактите, при што крајна корист имаат граѓаните. Високо квалитетна судиска одлука е онаа одлука која остварува коректен резултат - до степен до кој тоа го дозволува материјалот кој му е достапен на судијата - и која тоа го прави на фер начин, бргу, јасно и дефинитивно.
4. Имајќи го ова предвид, КСЕС/CCJE веќе укажа на фактот дека независноста на судиите мора да се смета за граѓанско право; во своето Мислење бр. 1 (2001), наведе дека независноста на судството „не е прерогатив ниту привилегија во нивен интерес, туку во интерес на владеењето на правото и на оние кои бараат и очекуваат правда“. КСЕС/CCJE, во своите Мислења од 2001 година наваму, даде голем број предлози како секој систем може не само да гарантира дека корисниците на судовите имаат право на пристап до судовите, туку воедно и да осигура, преку квалитетот на донесените одлуки, дека тие можат да имаат доверба во исходот на судскиот процес2.
5. Ова Мислење нема за цел да го оспори основниот принцип дека оценката на внатрешниот квалитет на секоја судиска одлука треба да се одвива само преку спроведување на правото на надомест воспоставено со закон. Овој принцип е клучна последица на уставната гаранција за независност на судиите, која се смета за една од главните карактеристики на Владеењето на правото во демократските општества.
6. КСЕС/CCJE смета дека судиите, чија задача е да донесуваат квалитетни одлуки, се во особено поволна позиција да иницираат дебата за квалитетот на судиските одлуки и да ги определат факторите за таквиот квалитет и условите за оценувањето на истиот.
7. Една судиска одлука мора да задоволи определен број на барања во поглед на кои можат да се откријат некои заеднички принципи, без оглед на специфичните карактеристики на секој судски систем и практитките на судовите во различните земји. Појдовна основа е фактот што цел на една судиска одлука не е само да разреши даден спор обезбедувајќи им на страните правна сигурност, туку често и да воспостави обичајно право кое може да превенира појава на други спорови и да обезбеди социјална хармонија.
8. Извештајот на Г-ѓа Марија Џулијана Чивинини (Maria Giuliana CIVININI), заснован на одговорите на прашалникот3 доставени од страна на членовите на КСЕС/CCJE, покажува дека земјите практикуваат широк спектар на пристапи кон оценувањето и подобрувањето на квалитетот на судиските одлуки. Воедно, извештајот нагласува дека, иако решенијата за оценување на квалитетот зависат од особените традиции на секој правен систем, сите земји, сепак, се на ист начин посветени кон постојаното подобрување на условите под кои судиите мораат да ги донесуваат своите одлуки.
9. Поимот “Судиска одлука” се користи во ова Мислење со значењето на решение кое одлучува определен случај или прашање и се дава од страна на независен и непристрасен трибунал во рамките на делокругот на Член 6 од ЕКЧП, вклучувајќи:

      § одлуки донесени во граѓански, социјални, кривични и најголем дел од урпавните предмети;
      § одлуки донесени во прва инстанца, во апелација или од страна на врховните судови, како и од уставните судови;
      § привремени одлуки;
      § конечни одлуки;
      § одлуки во вид на пресуди или налози донесени од страна на трибунали кои заседаваат во совет или како самостоен судија;
      § одлуки донесени со или без можност за малцински мислења;
      § одлуки донесени од страна на професионални или непрофесионални судии или од судови кои ги комбинираат обата вида (échevinage).

ДЕЛ I. ФАКТОРИ НА КВАЛИТЕТОТ НА СУДИСКИТЕ ОДЛУКИ
А. Надворешното окружување: легислативата и економскиот и социјалниот контекст
10. Квалитетот на една судиска одлука зависи не само од засегнатиот судија поединец, туку и од определен број варијабли кои лежат надвор од процесот на делење правда, како што се квалитетот на легислативата, адекватноста на ресурсите кои му се на располагање на правосудниот систем и квалитетот на правната обука.
1. Легислативата
11. Судиските одлуки се првенствено засовани врз закони донесени од страна на законодавната власт или, во системи каде се применува обичајното право, врз такви закони и принципи воспоставени со судски преседани. Овие законски основи не само што одлучуваат кои права ги имаат корисниците на системот на делење правда и какво однесување е казниво според кривичните закони, туку воедно ја дефинираат процедуралната рамка во контекст на која се донесуваат судиските одлуки. Така, изборот кој го прави законодавната власт влијае врз видот и обемот на случаи кои се поднесуваат до судовите, како и врз начините како истите се процесираат. Квалитетот на судиските одлуки може да трпи влијание од пречестите промени во законодавството, од неквалитетното составување или недореченостите во содржината на законите и од недостатоците во процедуралната рамка.
12. Затоа, КСЕС/CCJE смета дека е пожелно националните собранија да го оценуваат и мониторираат влијанието на легислативата која е на сила и предлог легислативата врз системот на делење правда и да воведат соодветни преодни и процедурални одредби со кои би се обезбедило дека судиите истата ја спроведуваат со помош на високо квалитетни судиски одлуки. Законодавната власт треба да се погрижи легислативата да биде јасна и едноставна за спроведување, и да е во согласност со ЕКЧП. Со цел да се помогне во толкувањето, треба да се лесно достапни подготвителни легислативни текстови изготвени на разбирлив јазик. Секој нацрт закон кој се однесува на делењето правда и секој процедурален закон треба да е предмет на мислење на Судскиот совет или на соодветно тело пред неговото разгледување од страна на Собранието.
13. За да се дојде до квалитетни одлуки на начин кој е соодветен на предметните интереси, судиите треба да делуваат во една легислативна и процедурална рамка која им дозволува слободно да одлучуваат за и ефективно да управуваат со (на пример) временските ресурси кои им се потребни за правилно справување со случајот. КСЕС/CCJE се повикува на разгледувањето на „менаџирањето на случаи“ во своето Мислење бр. 6 (2004)4.
2. Ресурси
14. Квалитетот на една судиска одлука е директно условен од финансирањето кое му е на располагање на правосудниот систем. Судовите не можат ефикасно да работат без соодветни човечки и материјални ресурси. Неопходно е судите да се соодветно наградени за да се заштитат од притисокот кој има за цел влијаење врз нивните одлуки и општо врз нивното однесување5 и за да се обезбеди најдобрите кандидате да се примат во судиските редови. Помошта од квлификуван службенички кадар и соработката со судиските помошници, кои би требале да ги ослободат судиите од рутинската работа и да ја подготвуваат документацијата, очигледно можат да придонесат за подобрување на квалитетот на одлуките донесени од страна на судот. Доколку такви ресурси недостасуваат, ќе биде невоможно ефективно функционирање на судскиот систем кое би резултирало со високо квалитетен производ6.
3. Учесници во судството и правна обука
15. Дури и ако се фокусираме само на учесниците во рамките на системот на делење правда, квалитетот на делувањето на судскиот систем очигледно зависи од интеракцијата на голем број улоги: полицијата, обвинителите, одбраната, службениците, поротата (таму каде што ја има), итн. Судијата е само една алка во синџирот на таквите соучесници, и не мора секогаш да биде последната, бидејќи фазата на спроведување е подеднакво важна. Дури и ако се концентритраме само на квалитетот на судиските одлуки, од горенаведеното следува дека вршењето на судиската функција не е единствениот фактор, иако централен, кој го условува донесувањето на квалитетна судиска одлука.
16. Квалитетот на судиската одлука зависи, меѓу другото, од правната обука на сите правни лица кои се вклучени во постапката. Затоа, КСЕС/CCJE сака да ја нагласи улогата на правното образование и генерално земено обуката.
17. Тоа значи, дека треба да постои високо квалитетна правна обука, особено за судиите, на почетокот на нивната правна професионална кариера7 како и последователна програма за континуирана обука за да се одржат и подобрат стручните техники. Таквата обука не треба само да им обезбеди на судиите способности неопходни за спроведување на промени во домашното и меѓународното законодавство и во правните принципи, туку воедно треба да промовира други комплементарни вештини и знаења во области кои не се поврзани со правото, пружајќи им добри основни сознанија за прашањата кои ќе дојдат пред нив.
18. На судиите исто така им е потребна обука и за етика и комуникациски вештини за да им се помогне во справувањето со странките во судските постапки како и со јавноста и медиумите. Особена важност се придава на обуката за подобрување на нивните организациски способности во областа на ефикасно подготвување на и менаџирање на случаи (на примери, со примена на ИТ, менаџирање на случаи, техники за работа, техники за пишување на пресуди/одлуки - вклучувајќи упатства со генерални модели за изготвување нацрт одлуки, при што вообичаено на судиите им се остава слобода да го изберат својот личен стил на пишување), сето ова со цел менаџирањето на судски случаи без непотребно оддолжување или непотребни чекори8.
19. Осве тоа, претседателите на судовите треба да бидат обучени за менаџирање на човечки ресурси, стратешко планирање со цел регулирање и менаџирање на протокот на случаи, како и ефикасно планирање и искористување на буџетски и финансиски ресурси. Административниот персонал и судските асистенти треба да се посебно обучени за подготвување на расправи и мониторирање и обезбедување на непречено одвивање на случаите (на пример, во врска со примена на ИТ, техники за менаџирање на случаи и на времето, подготвување на нацрт пресуди, странски јазици, комуникација со странките и јавноста, и правно истражување). Ова ќе помогне да се ослободат судиите од административните и техничките обврски и ќе им овозможи да го фокусираат своето време на интелектуалните аспекти и менаџирање на парничните процеси и донесувањето одлуки.
Б. Внатрешното окружување: професионализам, процедури, расправи и одлуки
20. Квалитетот на судиските одлуки исто така зависи од внатрешни фактори како што се професионализмот на судиите, процедурите, менаџирање на случаите, расправите и елементите својствени на одлуката.
1. Професионализмот на судиите
21. Професионализмот на судиите е првичната гаранција за високо квалитетна судиска одлука. Ова подразбира висок степен на правна обука на судиите во согласност со принципите дефинирани од страна на КСЕС/CCJE во неговите Мислења бр. 4 (2003) и бр. 9 (2006), како и развивање на културата на независност, етичност и деонтологија во согласност со Мислењата бр. 1 (2001) и 3 (2002).
22. Една судиска одлука најверојатно треба да ја земе предвид не само релевантната правна материја туку и концептите и реалноста кои не се директно поврзани со правото а се релевантни за контекстот на спорот, како на пример, етичките, социјалните или економските размисли. Ова бара од судијата да е свесен/на за таквите околности при одлучувањето за случајот.
23. Процедурите за евалуирање или давање напатствија во поглед на работењето на судиите од страна на правосудните власти можат да ги подобрат нивните компетенциии како и квалитетот на судиските одлуки.
2. Процедурата и менаџирањето на случаи
24. Доколку очекуваниот резултат треба да биде високо квалитетна одлука која ќе биде прифатена како од странките така и од општеството, процедурата мора да биде јасна и транспарентна и да ги задоволи барањата на ЕКЧП.
25. Сепак, не е доволно само постоење на процедурални закони кои би ги задоволиле овие барања. КСЕС/CCJE смета дека судијата мора да е способен да ја организира и води постапката активно и прецизно. Правилниот развој на постапката го потпомага квалитетот на конечниот производ – одлуката9.
26. Дали една одлука е донесена во разумен рок согласно Членот 6 на ЕКЧП може да се смета исто така за важен елемент на нејзиниот квалитет. Сепак, може да настане неусогласеност меѓу брзината со која се води постапката и другите фактори кои се од важност за квалитетот, како на пример правото на фер судење кое исто така е гарантирано со Членот 6 од ЕКЧП. Бидејќи е од голема важност да се гарантираат социјалната хармонија и правната сигурност, елементот време очигледно мора да се земе предвид, но тој не е единствениот фактор кој треба да се земе предвид. КСЕС/CCJE укажува на своето Мислење бр. 6 (2004), во кое се потцртува дека „квалитетот“ на правдата не може да се изедначи со проста „продуктивност“. Квалитативниот пристап мора воедно да го земе предвид капацитетот на судскиот систем да одговори на барањата упатени кон него согласно општите цели на системот, меѓу кои брзината на постапката е само еден елемент.
27. Определени земји воспоставиле стандардни модели на добри практики за менаџирање на случаи и за текот на расправите. Таквите иницијативи треба да се охрабруваат за кај секој судија да се поттикнува добро менаџирање на случаите.
28. Треба воедно да се нагласи важноста на консултациите меѓу судиите, за време на кои ќе можат да се разменуваат информации и искуства. Тие им овозможуваат на судиите да расправаат за менаџирањето на случаи и да ги третираат тешкотиите со кои се сретнуваат при примената на правните принципи и можните конфликти во обичајното право.
3. Расправата
29. Расправата треба да се придржува кон сите барања на ЕКЧП, обезбедувајќи им на тој начин на странките и на поширокото општество придржување кон минимум стандардите за правилно осмислено и фер судење. Правилното одвивање на расправата ќе има директно влијание врз разбирањето и прифаќањето на конечната одлука од страна на странките и општеството. Треба воедно да му ги пружи на судијата сите елементи неопходни за правилно оценување на случајот; затоа, има клучно влијание врз квалитетот на судиската одлука. Расправа треба да се одржи секогаш кога обичајното право на ЕЦХР тоа го пропишува.
30. Транспарентна и отворена расправа, како и придржување до принципот на стпротивставени страни (при што трета непристрасна страна помага во определувањето на вистината и донесувањето на одлуката, заб. прев.) и на принципот на рамноправност н астранките (при што обете странки добиваат мо`ности за застапување со што се превенира подредена положба, заб. прев.), престсавува неопходен предуслов за одлуката да биде прифатена од самите странки и од јавноста.
4. Елементите својствени на одлуката
31. За една судиска одлука да биде високо квалитетна, странките и пошироката јавност мораат да гледаат неа на како на резултат на правилна примена на правните правила, на фер постапка и на правилно проценување на фактите, и како на нешто што може ефективно да се спроведе. Само во тој случај странките ќе се уверат дека нивниот случај бил правилно разгледан и третиран, а општеството ќе гледа на одлуката како на фактор за повторно воспоставување на социјална хармонија. За да се постигнат овие цели, треба да се задоволат определен број на барања.
а. Јасност
32. Сите судиски одлуки мораат да се разбирливи, напишани на јасен и едноставен јазик - предуслов истите да бидат разбрани од странките и јавноста. Ова бара тие да се кохерентно организирани, образложени и дадени на јасен начин и достапни за сите10.
33. Секој судија може да одбере свој личен стил и структура или да користи стандардизирани модели, доколку тие постојат. КСЕС/CCJE препорачува судските власти да состават компендиум на добри практики со цел да се помогне во изготвувањето на одлуки.
б. Образложение
34. Судиските одлуки мораат во принцип да бидат образложени11. Квалитетот на една судиска одлука зависи првенствено од квалитетот на нејзиното образложение. Правилното образложение е нужност која не смее да се запостави за сметка на брзината. Правилното образложение бара судиите да имаат соодветно време да ги подготват своите одлуки.
35. Изложувањето на причините не само што на парничарите им ја прави одлуката полесна за разбирање и прифаќање, туку пред сè претставува заштита од произволност. Прво, го обврзува судијата да одговори на поднесоците на странките и да ги специфицира точките кои ја поткрепуваат одлуката и истата ја прават законска; второ, му овозможува на општеството да го разбере функционирањето на судскиот систем.
36. Причините мораат да бидат доследни, јасни, недвосмислени и не смеат да бидат контрадикторни. Мораат да му овозможат на читателот да го следи текот на образложението кое го водело судијата до одлуката.
37. Образложението мора да го одрази придржувањето на судијата кон принципите искажани од страна на Европскиот суд за човекови права (конкретно, почитувањето на правото на одбрана и правото на фер судење). Таму каде што привремените одлуки ги засегаат индивидуалните слободи (на пр. налог за затворање) или можат да ги засегнат правата на поединци или на имот (на пр. привременото старателство за дете или превентивното ставање забрана врз недвижен имот или заплена на банковни сметки), потребна е соодветно изложување на причините.
38. Изложувањето на причините мора да одговара на поднесоците на странките, т.е. на нивните различни формулации на тужбите и на нивниот основ за одбрана. Ова е клучна гаранција, бидејќи им овозможува на парничарите да осигураат дека нивните поднесоци се разгледани и дека поради тоа дека судијата ги зел предвид. Образложението не смее да содржи никакви навредливи или неласкави забелешки за странките.
39. Без да се влијае врз можноста или дури и врз обврската судиите да делуваат по сопствен суд во опредлени контексти, судиите треба само да одговорат на релевантните аргументи кои можат да влијаат врз разрешувањето на спорот.
40. Изложувањето на причините не мора да е долго, бидејќи мора да се изнајде правилен сооднос меѓу концизноста и правилносто разбирање на одлуката.
41. Обврската на судовите да даваат причини за своите одлуки не значи одговарање на секој аргумент покренат од одбраната во поддршка на секој основ за одбрана. Опсегот на оваа обврска може да варира во зависност од карактерот на одлуката. Во согласност со обичајното право на Европскиот суд за човекови права12, должината на очекуваните причини зависи од разновидните аргументи кои им се на располагање на обете странки, како и од различните правни одредби, обичаи и доктринални принципи, како и разновидни практики во поглед на презентацијата и пишувањето на пресуди и одлуки во различните држави. Со цел почитување на принципот на фер судење, образложението треба да покаже дека судијата навистина ги разгледал сите главни прашања кои му/$ биле доставени13. Во случај на порота, обраќањето на судијата до поротата мора јасно да ги објасни сите факти и прашања за кои поротата потоа мора да одлучи.
42. Во поглед на содржината, судиската одлука вклучува испитување на фактичките и правните прашања кој лежат во суштината на спорот.
43. При испитувањето на фактичките прашања, судијата можеби ќе треба да решава за приговори на доказите, особено во поглед на нивната прифатливост. Судијата исто така ќе ја разгледа важноста на фактичките докази кои веројатно можат да бидат релевантни за разрешувањето на спорот.
44. Испитувањето на правните прашања вклучува примена на правилата на домашните, европските14 и меѓународните закони15. Причините треба да се повикаат на релевантните одредби на Уставот или на релевантните домашни, европски и меѓународни закони. Таму каде што тоа е упатно, повикувањето на домашното, европското и меѓународното обичајно право, вклучувајќи и повикување на обичајно право на судови од други земји, како и упатување на правна литература, може да биде корисно или, во систем на обичајно право, суштинско.
45. Во земјите каде важи обичајното право, одлуките на повисоките судови кои разрешуваат правни прашања понатаму служат како обврзувачки преседани за идентични спорови. Во земјите каде важи граѓанското право, одлуките го немаат овој ефект, но сепак можат да пружан непроценливи напатствија за други судии кои решаваат слични случаи или прашања, во случаи кои покренуваат општи социјални или значајни правни прашања. Затоа, изложувањето на причините, кое произлегува од детално разгледување на третираните правни прашања, треба во такви случаи да се изготви со особено внимание, со цел да се задоволат очекувањата на странките и општеството.
46. Во голем број случаи, разгледувањето на правните прашања подразбира толкување на правните прашања.
47. Иако на судиите им се признава правото да ги толкуваат законите, воедно треба да не се заборави обврската на судиите да промовираат правна сигурност. Впрочем, правната сигурност ја гарантира предвидливоста на содржината и примената на правните правила, придонесувајќи на тој начин за обезбедување на високо квалитетен судски систем.
48. Судиите ќе ги применуваат приниципите на толкување применливи и во домашните и во меѓународните закони имајќи го ова предвид. Во земјите каде се применува обичајното право, насоки ќе можат да земаат од сите релевантни преседани. Во земјите каде се применува граѓанското право, насоки ќе можат да земаат од обичајното право, особено од повисоките судови, меѓу чии обврски спаѓа и осигурувањето на униформноста на обичајното право.
49. Судиите треба доследно да ги применуваат законите. Сепак, кога еден суд ќе одлучи да отстапи од претходното обичајно право, тоа треба да биде јасно назначено во неговата одлука. Во исклучителни околности, може да биде упатно судот да укаже дека ова ново толкување е единствено применливо од денот на односната одлука или од денот наведен во таквата одлука.
50. Обемот на случаи кои доаѓаат пред повисоките судови може исто така да влијае врз брзината и квалитетот на донесувањето на одлуки од страна на судиите. КСЕС/CCJE препорачува воведување на механизми соодветни на правната традиција на секоја земја за да се регулира пристапот до таквите судови.
в. Издвоени мислења
51. Во некои земји, судиите можат да дадат заедничко или издвоено мислење. Во таквите случаи, издвоеното мислење треба да се објави заедно со мнозинското мислење. Судиите на овој начин го искажуваат своето целосно или делумно несогласување со одлуката усвоена од страна на мнозинството судии кои ја донеле односната одлука и причините за своето несогласување, или тврдат дека одлуката донесена од страна на судот може или треба да се темели на поинакви основи од оние кои се усвоени. Ова може да придонесе за подобрување на содржината на одлуката и може да помогне и за разбирањето на односната одлука и еволуцијата на правото.
52. Издвоените мислења треба да се правилно образложени и да го одразуваат осмисленото проценување на фактите и законите од страна на судијата.
г. Спроведување
53. Секој налог изготвен со или по определена судиска одлука, треба да биде напишан на јасен и недвосмислен јазик, за да може веднаш да се спроведе или, во случај на налог нешто да се стори или да не се стори или плати, веднаш да може да стапи на сила.
54. Според толкувањето на Европскиот суд за човекови права, правото на фер судење олицетворено во Членот 6 од ЕКЧП, подразбира не само дека судиската одлука мора да се донесе во разумен рок, туку воедно и дека истата мора да биде, таку каде што тоа е упатно, ефективно спроведлива во корист на успешната странка. Впрочем, Конвенцијата не воспоставува теоретска заштита на човековите права, туку се стреми заштитата која ја обезбедува да има ефекти во практиката.
55. Следствено, таквиот налог мора да ги има следниве главни карактеристики:

    (i) Пред сè, таму каде што е упатно, мора да биде спроведлив во поглед на формулацијата: тоа значи дека одлуката мора да вклучува оперативни одредби кои јасно ги определуваат, без било каква можност за несигурност или конфузија, казната, обврските или наредбите наметнати од судот. Секоја нејасна одлука која дава можност за различни толкувања ја попречува ефективноста и кредибилитетот на судскиот процес.
    (ii) Еден налог мора да биде спроведлив во дадениот систем на извршување: на тој начин ќе биде ефикасно извршен. Во најголемиот дел на правни системи постојат процедури според кои извршувањето може да се одложи или суспендира. Одложувањето или суспензијата се недвојбено легитимни во определени случаи. Но, тие можат да се бараат и од тактички причини, и несоодветното одобрување на одложувањето или суспензијата може да доведе до парализа на судскиот процес и да дозволи примена на процедурални стратегии кои имаат за цел да ги направат судските одлуки неоперативни. За да се обезбеди ефикасноста на правдата, сите земји треба да имаат процедури за привремено спроведување16.

56. Еден квалитетен налог (во не-кривични прашања) може да е бескорисен без постоењето на едноставна и ефикасна процедура за негово извршување. Од важност е таквата процедура да подлежи на судиска супервизија, од страна на судии способни да разрешат секакви потешкотии кои можат да се појават во текот на спроведувањето на одлуката, според ефикасни процедури кои не треба да вклучуваат непотребни трошоци за странките.

ДЕЛ II. ЕВАЛУАЦИЈА НА КВАЛИТЕТОТ НА СУДИСКИТЕ ОДЛУКИ
57. КСЕС/CCJE нагласува дека мериторноста на поединечните судиски одлуки првенствено се контролира преку процедуриte на жалба или ревизија достапни во домашните судови и преку правото за пристап до Европскиот суд за човекови права. Државите треба да се пoгрижат нивните домашни процедури да ги задоволат барањата зацртани во одлуките на овој Суд.
А. Суштината на евалуацијата
58. Од деведесеттите години наваму расте свеста дека квалитетот на судиските одлуки не може правилно да се евалуира исклучиво со оценување на внатрешната правна вредност на односните одлуки. Како што е прикажано во првиод дел од ова Мислење, квалитетот на судиските одлуки трпи влијание од квалитетот на сите подготвителни чекори кои им претходат, и затоа треба да се испита правниот систем како целина. Дотолку повеќе што, гледано од перспективата на корисниците на услугите на судовите, не е важен само правниот квалитет на односната одлука stricto sensu; внимание треба воедно да се посвети и на другите аспекти, како што се времетраењето, транспарентноста и водењето на постапките, начинот како судијата комуницира со странките и начинот како судството дава отчет за своето работење пред општеството.
59. КСЕС/CCJE потцртува дека секоја метода на евалуација на квалитетот на судиските одлуки не треба да ја попречува независноста на судството било како целина било на индивидуална основа.
60. Евалуација на квалитетот на судиските одлуки мора да се врши пред сè врз основа на фундаменталните принципи на ЕКЧП. Не може да се врши само во светлината на аспекти од економска или менаџерска природа. Примената на економски методи мора внимателно да се разгледа. Улогата на судството пред сè е да го применува и да го спроведува правото и не може правилно да се анализира во контекст на економска ефикасност.
61. Секаков систем за евалуација на квалитетот треба стриктно да е насочен кон промовирање на квалитетот на судиските одлуки, а не да служи како проста битократска алатка ниту како цел сама по себе. Тој не престставува инструмент за екстерна контрола на судството.
62. КСЕС/CCJE потсетува дека евалуацијата на квалитетот на правдата, т.е. на работењето на судскиот систем како целина или на било кој поединечен суд или локална група на судови, не треба да се помеша со евалуацијата на професионалната способност не било кој поединечен судија која има други цели17.
63. Евалуациските процедури треба да се стремат, пред сè, кон идентификација на потребата, доколку ја има, за измена на легислативата, за промена или подобрување на судските процедури и/или за понатамошна обука на судиите и персоналот во судовите.
64. Предметот, методите и процедурите на евалуацијата треба правилно да се дефинираат и да се разбирливи. Треба да се определат од страна на судиите или во тесна соработка со судиите.
65. Евалуацијата мора да биде транспарентна. Персоналните или идентификувачките податоци на судиите мораат да останат доверливи.
66. Евалуацијата на квалитетот на судиските одлуки не треба да причинат судиите да ги третираат фактите или да ги донесуваат одлуките за суштината на случајот на еднообразен начин, без да се земат предвид околностите својствени на секој случај.
67. Секоја евалуација на судиски одлуки мора да ги земе предвид различните видови и нивоа на судови, различните видови на спорови и разновидните вештини и стручност потребни истите да се разрешат.
Б. Методите на евалуација (вклучувајќи ги телата на кои им е доверена евалуацијата на квалитетот на судиските одлуки)
68. КСЕС/CCJE нагласува дека (особено доколку се применува квантитативна и квалитативна статистика) е пожелно да се комбинираат различни методи на евалуација, поврзани со различни индикатори на квалитет и многукратни извори на информации. Ниедна поединечна метода не треба да има предност пред другите. Можат да се прифатат разновидни методи на евалуација, под услов да се разгледани со потребната научна строгост, знаење и внимание и да се дефинирани на транспарентен начин. Дотолку повеќе што евалуациските системи не смеат да ја доведат во прашање легитимноста на судиските одлуки.
69. КСЕС/CCJE смета дека државите не мора да се обврзани да го усвојат истиот евалуациски систем и методолошки пристап и дека, иако не спаѓа во делокругот на ова Мислење да даде детален коментар за разновидните системи за евалуација на квалитетот, сепак е возможно, врз основа на националните искуства, да се изготви список на најприкладните методи.
1. Самоевалуација од самите судии и евалуација од страна на други учесници во правосудниот систем
70. КСЕС/CCJE охрабрува ревизија од страна на колеги судии и самоевалуација од самите судии. КСЕС/CCJE воедно го охрабрува учеството на надворешни“ лица (на пр. адвокати, обвинители, професори од правни факултети, граѓани, домашни или меѓународни невладини организации) во евалуацијата, под услов целосно да се почитува независноста на судството. Таквата надворешна евалуација, се разбира, не смее да се користи како метода за компромитирање на судиската независност или на интегритетот на судскиот процес. Првата референтна точка во евалуацијата на судиските одлуки мора да биде расположивоста на навремена и ефективна жалбена процедура.
71. Со своето обичајно право, своето испитување на судиските практики и со своите годишни извештаи, повисоките судови можат да придонесат за квалитетот на судиските одлуки и за нивна евалуација; во овој поглед, од исклучителна важност е нивното обичајно право да е јасно, доследно и постојано. Повисоките судови можат, исто така, да придонесат за квалитетот на судиските одлуки со изготвување напатствија за пониските судови, во кои се обрнува внимание на принципи применливи во согласност со релевантното обичајно право.
2. Статистички методи
72. Квантитативната статистичка метода вклучува прибирање статистички податоци на ниво на суд (статистика за случаи во тек како и архивирани случаи и решени случаи, за бројот на расправите во секој случај, откажани расправи, времетраење на постапката, итн.). Квантитетот на работата извршена од страна на судовите е едно мерило за мерење на способноста на делењето на правдата да ги задоволи потребите на граѓаните. Оваа способност е еден индикатор за квалитетот на правдата. Оваа метода на анализа може да ги покрие активностите на судот, но не може да биде доволна за да се оцени дали конкретните донесени одлуки се со задоволителен квалитет. Природата на тие одлуки зависи од вредноста на секој поединечен случај. Еден судија можеби, на пример, ќе мора да донесе низ на поврзани одлуки во случаи од мала вредност. Статистиката не е прецизно упатство за секоја ситуација, и секогаш мора да се стави во контекст. Оваа метода, сепак, дозволува да се оцени дали случаите се третирани во соодветна временска рамка, или дали постои голем број заостанати случаи што би можело да оправда доделување на дополнителни средства и преземање мерки кои имаат за цел намалување или елиминирање на заостанатите случаи.
73. Во квалитативната статистички метода, одлуките се класифицираат според видот, предметот и комплексноста. Оваа метода овозможување пондерирање на различни видови случаи со цел воспоставување на ефикасна и коректна дистрибуција на работата и на минимум и максимум работно оптоварување кое може да се бара од еден суд. Карактеристика на оваа метода е тоа што таа ги зема предвид специфичностите на определени случаи или видовита на прашања, за да ги одрази оние случаи каде, иако бројот на донесени одлуки е ограничен, потребна е значителна количина работа. Тешкотијата со квалитативното статистичко оценување лежи, сепак, во дефинирањето кои фактори да се земат предвид и во определувањето кои органи се надлежни истите да ги определат.
74. И ограничениот број на жалби и бројот на успешни жалби можат да бидат индикатори за квалитет кои можат објективно да се утврдат и кои се релативно веродостојни. Сепак, КСЕС/CCJE нагласува дека ниту бројот на жалби ниту пак нивната стапка на успешност не го одразуваат квалитетот на одлуките кои се предмет на жалба. Успешна жалба може да претставува само една поинаква евалуација на едно прашање од страна на апелациски судија, чија одлука можела и самата да биде укината доколку случајот бил упатен до еден уште повисок суд18.
3. Улогата на Судскиот совет
75. Домашните или меѓународните тела надлежни за евалуација на судиските одлуки треба да се составени од членови кои се потполно независни од извршната власт. Со цел да се избегнат секакви притисоци, во државите каде постои Судски совет19, на овој Совет треба да му се додели обврската за евалуација на квалитетот на одлуките. Во рамките на Советот, процесирањето на податоците и евалуацијата на квалитетот треба да се извршуваат од страна на одделенија кои не се истовремено задолжени и за судиска дисциплина. Од истата причина, таму каде нема Судски совет, евалуацијата на квалитетот на одлуките треба да се спроведува од страна на посебно тело кое ги има истите гаранции за независноста на судиите како и оние кои ги поседува еден Судски совет.

ГЛАВНИ ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ
a) Екстерните индикатори од кои зависи квалитетот на судиските одлуки го вклучуваат квалитетот на законите донесени од страна на законодавните власти. Затоа, важно е националните собранија да го оценуваат и мониторираат влијанието на законите кои се на сила и предлог законите врз правосудниот систем.
b) Квалитетот на донесувањето на одлуки зависи од човечките, финансиските и материјалните ресурси доделени на секој правосуден систем, како и од одржувањето на финансиската сигурност за секој судија во тој систем.
v) Квалитетот на правното образование и обуката на судиите и другите правници се од врвно значење во обезбедување на високо квалитетни судиски одлуки.
g) Воедно е важно, на судиите да им се пружи обука во прашања надвор од правната област и да се обучат вработените во судовите со цел судиите да се ослободат од административни и технички обврски и да им се овозможи да се фокусираат на интелектуалните аспекти на донесувањето одлуки.
d) Стандардот на квалитет на судиските одлуки е очигледно резултат на интеракциите меѓу бројните учесници во судскиот систем.
e) Професионализмот на еден судија е првичната гаранција за квалитетот на една одлука и претставува значаен дел од интерното окружение кое влијае врз судиската одлука. Професионализмот вклучува висок степен на правна обука на судиите, како и развој на култура на независност, етика и деонтологија. Бара судијата да е свесен не само за правниот материјал, туку и за концепти надвор од правната област.
z) Другите елементи на интерното окружување кои влијаат врз судиските одлуки се процедурата и менаџирањето на случаите. Процедата мора да биде јасна, транспарентна и предвидлива. Судијата мора да биде во состојба активно и прецизно да ја организира и спроведе постапката. Одлуката мора да се донесе во разумен рок. Сепак, брзината на процедурата не е единствениот фактор кој треба да се земе предвид, бидејќи судиските одлуки мораат да го штитат правото на фер судење, социјална хармонија и правна сигурност.
i) Треба да се охрабруваат стандардни модели на добри практики на менаџирање на случаи, како и консултативни средби меѓу судии.
j) Расправата треба да се одржи секогаш кога тоа го пропишува обичајното право на Европскиот суд за човекови права и истата треба да се придржува до сите барања на ЕКЧП, со што на странките учеснички во расправата и на поширокото општество ќе им се обезбеди придржување кон минимум стандардите за правилно структурирано фер судење.
k) Фер спроведување на постапката, коректна примена на правните принципи и евалуација на основата на фактите како и спроведливоста се клучните елементи кои продонесуваат кон високо квалитетна одлука.
l) Одлуката мора да биде разбирлива и изготвена на јасен и едноставен јазик, при што на секој судија ќе му биде дозволено сепак сам/а да го избере сопствениот стил или да примени стандардизирани модели.
q) КСЕС/CCJE препорачува правосудните органи да состават компендиум на добри практики се цел да се потпомогне изготвувањето на одлуки.
m) Судиските одлуки во принцип мора да се образложени. Нивниот квалитет зависи воглавно од квалитетот на образложувањето. Образложувањето може да вклучува интерпретација на правните принципи и грижа секогаш да се обезбеди правна сигурност и доследност. Сепак, кога судот ќе одлучи да отстапи од претходното обичајно право, тоа треба јасно да се спомене во одлуката.
n) КСЕС/CCJE препорачува воведување на механизми соодветни на правната традиција на секоја земја за да го регулира пристапот кон повисокоите судови.
w) Издвоените мислења на судиите, каде што тоа е дозволено, можат да придонесат кон подобрување на содржината на одлуката и можат да помогнат при разбитрањето на одлуката и еволуцијата на правото. Овие мислења треба соодветно да се образложат и треба да се објават.
o) Секаков налог кој ќе се изготви или ќе следи по судиска одлука, треба да биде напишан на јасен и недвосмислен јазик, за да може веднаш да стапи на сила или, во случај на налог нешто да се стори или да не се стори или да се плати нешто, да стане правосилен.
p) КСЕС/CCJE нагласува дека вредноста на поединечни судиски одлуки се контролира преку процедури на жалба или ревизија достапни во домашните судови и преку пристап до Европскиот суд за човекови права.
r) Судискиот систем во целина треба да се испитува со цел да се евалуира квалитетот на судиските одлуки. Треба да се посвети внимание на должината, транспарентноста и спроведувањето на постапката.
s) Евалуацијата мора да се спроведе врз основа на фундаменталните начела на ЕКЧП. Не може да се спроведе земајќи предвид само економски и менаџерски критериуми.
t) Ниту еден метод за евалуација на квалитетот на судиските одлуки не смее да ја попречува независноста на судството како целина ниту на поединечна основа, не треба да послужи како бирократска алатка која е цел сама за себе, и треба да се прави разлика меѓу евалуацијата на квалитетот на судиските одлуки истата и евалуацијата на стручните способности на поединечните судии за други цели. Исто така, системите на евалуација не смеат да ја стават под прашање легитимноста на судиските одлуки.
u) Пред сè, секаква евалуациска процедура треба да има за цел идентификација на потребата, доколку таква постои, за измена на законите, за промени или подобрување на судските процедури и/или за понатамошна обука на судиите и вработените во судовите.
f) КСЕС/CCJE нагласува дека е пожелно да се комбинираат различни методи на евалуација. Методите на евалуација треба да се разгледаат со неопходна научна строгост, знаење и грижа и треба да се дефинираат на транспарентен начин.
h) КСЕС/CCJE ограбрува самоевалуација и ревизија од страна на колеги-судии. КСЕС/CCJE воедно го охрабрува и учеството на „екстерни” лица во евалуацијата, под услов целосно да се почитува независноста на судството.
c) Вишите судови можат, по сопствено обичајно право, сопствено испитување на судските практики на на нивните годишни извештаи, да придонесат за квалитетот на судиските одлуки и за нивна евалуација; во овој поглед, од клучна важност е нивното обичајно право да биде јасно, доследно и константно.
x) Евалуацијата на квалитетот на одлуките мора да е дел од овластувањата на Судскиот совет, таму каде тој постои, или на независно тело со истите гаранции за независност на судиите.

1 Сите текстови во врска со овие прашања го покажуваат духот во кој Советот на Европа ја третира потребата за квалитет на правдата: „според мислењето на Советот на Европа, пристапот базиран на квалитет не може да се однесува на поединечна одлука, но, како дел на еден сèопфатен пристап, зависи од квалитетот на судскиот систем, вклучувајќи ги судиите, одбраната и персоналот во судовите, како и квалитетот на процесот кој води до самите одлуки. Советот на Европа, затоа, препорачува напорите за подобрување на состојбата да се фокусираат на секоја од овие точки“ (неофицијален превод), (Jean-Paul JEAN, „La qualité des décisions de pravdata au sens du Conseil de l’Europe“, Колоквиум организиран на 8-ми и 9-ти март 2007 година од страна на Факултетот за право и социјални науки, Универзитетот Poitiers, на тема „Квалитетот на судиските одлуки” – види “Студии CEPEJ /Европска комисија за ефикасност на правдата/“ Бр. 4).

2 Види ги исто така заклучоците на Конференцијата за квалитетот на судиските одлуки, организирана во Врховниот суд на Естонија во Тарту (18-ти јуни 2008 година) со учество на естонската правосудна заедница и Работната група на КСЕС/CCJE.

3 Види го прашалникот за квалитетот на судиските одлуки и одговорите на веб страницата на КСЕС/CCJE: www.coe.int/ccje.

4 Особено во врска со процедуралните закони, КСЕС/CCJE би сакал да се повика овде на своето Мислење Бр. 6 (2004), со кое се препорачува, со цел да се обезбеди донесување на квалитетни судиски одлуки во разумен рок, законодавната власт да направи оптимален избор во балансот меѓу времетраењето на судењата и достапноста на алтернативното разрешување спорови, можностите за признавање вина во замена за помала казна, симплифицираните и/или забрзаните и сумарните постапки, како и процедуралните права на странките, итн. Покрај ова, треба да се гарантираат финансиски средства за постапките на алтернативно разрешување спорови.

5 Види Мислење бр. 1 (2001) на КСЕС/CCJE, став 61.

6 Види Мислење бр. 2 (2001) на КСЕС/CCJE.

7 Види Мислење Бр. 4 (2003) на КСЕС/CCEJ.

8 Брошури, студии на случај на добри и лоши практики, стандардни модели за пишување на пресуди заедно со методологии, информатори и прегледи на правни процедури, развиени за цели на обука, можат нашироко да се дисеминираат меѓу судиите.

9 Во своето Мислење Бр. 6 (2004), КСЕС/CCJE, развивајќи ги принципите зацртани во Препораката Бр. Р (84) 5, ја нагласи важноста на активната улога на судијата во менаџирањето на граѓанските постапки (види особено став 90-102 и 126).

10 Во врска со ова, се упатува на Мислењето Бр. 7 (2005) на КСЕС/CCJE, особено став 56 до 61.

11 Исклучоците можат да вклучуваат, меѓу другото, одлуки кои се однесуваат на менаџирањето на случајот (на пр. прекинување на расправа), помали процедурални прашања или сусштински неспорни прашања (пресуди по службена должност во корист на ту`ителот кога обвинетиот не се појавил или не одговорил на повик или спогодбени пресуди), одлуки од страна на апелациски суд кои потврдуваат одлука од прва инстанца по добивање на слични аргументи по ист основ, одлуки на порота и некои одлуки кои се однесуваат на правото на жалба или поднесување тужба, во земји каде таквата дозвола е потребна.

12 Види особено ЕСЧП: Болдеа против Романија, 15-ти февруари 2007 година, § 29; Ван де Хурк против Холандија, 19-ти април 1994 година, § 61.

13 Види особено ЕСЧП: Болдеа против Романија, 15-ти февруари 2007 година, § 29; Хеле против Финска, 19-ти февруари 1997 година, § 60.

14 Изразот “Европско право” ги вклучува acquis на Советот на Европа и Правото на Европската Заедница.

15 Види Мислење Бр. 9 (2006) на КСЕС/CCJE.

16 Види Мислење Бр. 6 (2004) на КСЕС/CCJE, став 130.

17 Види Мислење Бр. 6 (2004) на КСЕС/CCJE, дел Б став 34 и Мислење Бр. 10 (2007) на КСЕС/CCJE, став 52 до 56 и 78.

18 Види Мислење Бр. 6 (2004) на КСЕС/CCJE, став 36.

19 Овие Судски совети треба да се воспоставата и да работат на начин препорачан од страна на КСЕС/CCJE во неговото Мислење Бр. 10 (2007).



 Top