PDF
 
 
 
 
 

Стразбур, 27 ноември 2003 год

CCJE (2003) OP No5
ССЕС (2003) М Бр. 5

СОВЕТОДАВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ
(ССЕС)

МИСЛЕЊЕ Бр. 5
НА СОВЕТОДАВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ (ССЕС)

ЗА КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

ЗА ЗАКОНОТ И ПРАКТИКАТА НА ИЗБОР НА СУДИИ ВО ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

1. ССЕС на својата четврта средба во Стразбур, од 24 до 28 ноември 2003 год. се осврна на извештајот на Меѓународниот центар за правна заштита на човековите права (од 23 мај) за “Законот и практиката на избор во Европскиот суд за човекови права”.

2. ССЕС ги поздравува заклучоците и препораките предложени во извештајот. Ги смета за важен чекор кон воведувањето на препораките содржани во Мислењето Бр. 1 (2001) за стандардите кои се однесуваат на независноста на судството и неменливоста на судиите, кои ССЕС сака да ги потврди од аспект:

a. на изборот на судиите во меѓународни судови; ставот 56 од тоа мислење гласи:

"ССЕС се согласи дека се од важност за националните правни системи и судии, обврските кои произлегуваат од меѓународните договори, како што се Европската конвенција и исто така договорите на Европската Унија, за кое е важно при изборот и реизборот на судиите во судовите кои ги применуваат тие договори, да бидат почитувани истите начела како и во националните правни системи. Понатаму, ССЕС сметаше дека треба да се охрабри вклучувањето на независен орган, споменат во ставовите 37 и 45, во изборот и реизборот на судии во меѓународните судови. Советот на Европа и неговите институции се темелат на верба во заедничките вредности кои се надредени во однос на оние на било која земја членка и оваа верба веќе постигна значаен практичен ефект. Доколку не се инсистира на нивна примена на меѓународно ниво, тоа ќе ги поткопа овие вредности и нивниот развој и примена”.

Ставовите 37 и 45 се однесуваат на улогата на независен орган во сите избори на судии, со значајна застапеност на судиите во истиот.

b. мандатот, особено ставовите 57 и 52 вклучуваат:

“Основно начело на судската независност е гарантиран мандат до пензионирање или до истек на одреденото време на служба”.

Некои земји избираат заменици-судии чиј мандат е ограничен или помалку заштитен од оној на судиите со траен мандат (пр. ВБ и Данска).

“ССЕС сметаше дека, освен таму каде што изборот на судии е на одредено време, не се потребни промени, доколку постапките обезбедуваат:

I. судијата, доколку тој/таа сака, да се смета за реизбрана од страна на изборното тело и
II. одлуката која се однесува на реизборот е донесена целосно објективно врз основа на заслуги и без политичка пристрасност”.

3. Објективните критериуми за назначувањето на судија во Европскиот суд за човекови права се наведени во член 21 на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи:

“Судиите треба да бидат со високо морален карактер и да ги поседуваат потребните квалификации за избор на висока судиска функција или да бидат правни советници со призната компетентност”.

4. ССЕС кој се состои од национални судии од 45 земји членки на Советот на Европа го истакнува основното начело поврзано со изборот на судии во Европскиот суд за човекови права; судиите не само што треба да ги задоволат овие критериуми, туку треба да бидат најдобрите расположливи кандидати за ваков избор. Интегритетот и репутацијата на овој Суд, како и на Конвенцијата, зависат од тоа.



 Top