PDF
 
 
 
 
 

Стразбур, 27 ноември 2003 год

CCJE (2003) OP No4
ССЕС (2003) М Бр. 4

СОВЕТОДАВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ
(ССЕС)

МИСЛЕЊЕ Бр. 4
НА СОВЕТОДАВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ (ССЕС)

ЗА КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИТЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

ЗА СООДВЕТНА ПОЧЕТНА И КОНТИНУИРАНА ОБУКА НА СУДИИ НА НАЦИОНАЛНО И ЕВРОПСКО НИВО

Вовед

1. Во време кога сме сведоци дека се посветува големо внимание на улогата и значењето на судството кое претставува краен гарант на демократското функционирање на институциите на национално, европско и меѓународно ниво, од особена важност е да се истакне прашањето за обука на идните судии пред да стапат на функција и обуката во текот на вршењето на функцијата (да се погледа Мислење на ССЕС Бр. 1 (2001), ставови 10-13 и Мислење Бр. 3 (2002), ставови 25 и 50. ix).

2. Независноста на судството доделува права на судиите на сите нивоа и надлежности, но исто така наметнува и етичка обврска. Последново ја вклучува должноста за професионално и трудољубиво извршување на судската работа, што подразбира голема професионална способност, стекната, одржана и подобрувана со обука која судиите имаат право и обврска да ја спроведуваат.

3. Суштествено е судиите, избрани после завршувањето на комплетните правни студии, да добијат детална, длабинска и разнолика обука за да можат задоволително да ги извршувааат своите должности.

4. Ваквата обука е, исто така, гарант за нивната независност и непристрасност, во согласност со барањата на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

5. На крајот, обуката е предуслов за почитување на судството. Довербата на граѓаните во судството ќе биде зајакната доколку судиите поседуваат обемно и широко познавање што го надминува техничкото правно поле, како и во судницата, во сферите од битно социјално значење, лични вештини и сфаќање кое им овозможува да се однесуваат соодветно и чувствително во управувањето со случаите и во односите со сите учесници во постапките. На кратко, обуката е потребна за објективно, непристрасно и компетентно вршење на судиската функција и за заштита на судиите од несоодветно влијание.

6. Постојат големи разлики помеѓу европските земји во однос на почетната и континуираната (во текот на службата) обука на судиите. Овие разлики делумно може да бидат поврзани со одредени карактеристики на различните судски системи, но во одредена смисла не изгледа дека се неизбежни и неопходни. Одредени земји нудат обемна формална обука во специјализирани установи, проследена со понатамошна интензивна обука. Други обезбедуваат одреден вид стажирање под надзор на искусен судија кој пренесува знаење и дава професионални совети врз основа на конкретни примери, покажувајќи каков пристап да се земе и избегнувајќи секаков вид на дидактика. Земјите со комонвелтско право темелно се потпираат на обемното професионално искуство, вообичаено на адвокатите. Помеѓу овие можности, има широк интервал на земји во кои обуката е организирана на различни степени и е обврзувачка.

7. Без оглед на разноликоста на националните институционални системи и проблемите кои постојат во одредени земји, обуката треба да се разгледува како суштествена од аспект на потребата да се подобрат не само вештините на оние кои работат во судскиот јавен сектор, туку и функционирањето на истиот.

8. Важноста од обуката на судиите е содржана во меѓународните инструменти, како што се Основните начела на ОН за независност на судството, усвоени во 1985 год. и текстовите на Советот на Европа усвоени во 1994 год. (Препорака Бр. Р (94) 12 за независноста, ефикасноста и улогата на судиите) и 1998 год. (Европската повелба за статусот на судиите) и во ставот 11 од Мислењето Бр. 1 на ССЕС.

I. Правото на обука и правниот степен на кој истото би требало да се гарантира

9. Уставните начела би требало да ја гарантираат независноста и непристрасноста од која зависи легитимитетот на судиите, а судиите од своја страна треба да одржуваат висок степен на професионална компетентност (да се погледа став 50 (ix) на Мислењето Бр. 3 на ССЕС).

10. Во многу земји обуката на судиите е уредена со специјални одредби. Суштествена точка е вклучувањето на потребата за обука во одредбите кои го регулираат статусот на судиите; правните одредби не би требало да содржат детална содржина на обуката, туку оваа задача да ја доверат на специјално тело одговорно за изготвување на програм на активности со кој ќе се обезбеди обука и надзор врз нејзиното спроведување.

11. Државата има должност да му ги обезбеди на судството или на друго независно тело, одговорно за организирање и надзор на обуката, неопходните средства и да ги подмири трошоците направени од страна на судиите и другите лица вклучени во оваа активност.

12. Притоа, ССЕС препорачува во секоја земја законодавството одговорно за статусот на судиите да обезбедува обука на судиите.

II. Авторитети одговорни за обука

13. Европската Повелба за статусот на судиите (став 2.3) изјавува дека секој орган одговорен за надзор на квалитетот на програмата за обука би требало да биде независен од извршната и законодавната власт и најмалку една половина од неговите членови би требало да ја сочинуваат судии. Меморандумот за образложение исто така укажува дека обуката на судиите не треба да биде ограничена на техичка правна обука, туку би требала да има предвид дека природата на судската служба често бара судијата да интервенира во комплексни и тешки ситуации.

14. Ова ја истакнува клучната важност на независноста и составот на органот одговорен за обуката и нејзината содржина. Ова произлегува од општото начело за судската независност.

15. Обуката е предмет на јавен интерес и оттука, независноста на органот одговорен за создавањето на програмот и одлучувањето за тоа каква обука треба да се спроведе, мора да се заштити.

16. Судството треба да ја има главната улога или самото да биде одоговорно за организирање и надзор на обуката. Соодветно и во согласност со препораките на Европската повелба за статусот на судиите, ССЕС истакнува дека оваа одговорност би требало, во секоја земја, да се додели не на Министерството за правда или друг авторитет кој и одоговара на законодавната или извршната власт, туку на самото судство или друго независно тело (вклучително и Комисија за судска служба). Здруженијата на судии можат исто така да имаат важна одлука во охрабрувањето и олеснувањето на обуката, работејќи заедно со судското или со друго тело кое има директна одговорност.

17. Со цел да се обезбеди соодветна поделба на улогите, истиот орган не треба да биде директно одговорен и за обуката и за дисциплинирање на судиите. Притоа, ССЕС предлага под овластување на судството или друго независно тело, обуката да биде доделена на специјална автономна установа со сопствен буџет, која ќе биде во можност во консултации со судиите да осмислува програми за обука и да ја обезбеди нивната примена.

18. Оние кои ќе бидат одговорни за обука не би требало да бидат директно одговорни за избор и унапредување на судиите. Доколку телото (т.е. Комисијата за судска служба) споменато во Мислењето Бр. 1, ставови 73(3), 37 и 45 на ССЕС, е компетентно и за обука и за избор и унапредување, треба да биде направена јасна поделеност помеѓу гранките одговорни за овие задачи.

19. Со цел да се заштити установата од несоодветно надворешно влијание, ССЕС препорачува персоналот кој работи и лицата кои ќе ја спроведуваат обуката да бидат избрани од судството или друго независно тело за организирање и надзор на обуката.

20. Важно е обуката да се спроведува од судии и експерти во секоја дисциплина. Лицата кои ќе ја спроведуваат обуката треба да бидат избрани од редовите на најдобрите во својата професија и внимателно одбрани од страна на телото одговорно за обука, имајќи го предвид познавањето на темите кои ќе бидат предмет на обука и вештините на поучување кои ги поседуваат лицата кои ќе ја спроведуваат обуката.

21. Кога се назначени судии за обавување на обука, важно е овие судии да го сочуваат контактот со судската практика.

22. Методите на обука треба да бидат определени и ревидирани од страна на органот за обука и помегу обучувачите треба да има редовни средби кои ќе им овозможат да ги разменат своите искуства и да го подобрат нивниот пристап.

III. Почетна обука

а. Дали обуката треба да биде задолжителна?

23. Очигледно е дека судиите кои се избираат на почетокот на својата професионална кариера треба да поминат низ обука, но се поставува прашањето дали е тоа неопходно онаму каде што судиите се избираат од редот на најдобрите правници, кои се искусни, како на пр. во земјите со комонвелтското право.

24. Според мислењето на ССЕС, двете групи треба да поминат почетна обука: вршењето на судската должност е нова професија за двете групи и вклучува посебен пристап во многу сфери заедно со професионалната етика на судиите, постапката и односите со сите лица вклучени во судската постапка.

25. Од друга страна, важно е да се земат предвид специфичните карактеристики на методот на избор и согласно истите да се насочи и усвои програмата за обука. Искусните правници треба да бидат обучувани само за она што е потребно за нивната нова професија. Во некои помали земји со малубројно судство, локалните можности за обука може да бидат поограничени и неформални, но ваквите земји можат да добијат од размената на можностите за обука со други земји.

26. ССЕС препорачува мандаторна почетна обука со програми соодветни на професионалното искуство на избраниот судија.

б. Почетна програма за обука

27. Силабусот за почетната обука и интензитетот на обуката ќе се разликува според методот на избор на судиите. Обуката не треба да се состои само од упатства за техниките кои се користат во водењето на предметите од страна на судиите, туку исто така треба да ја земе предвид и потребата од социјална свест и широкото разбирање на различни теми кои ја одразуваат комплексноста на општествениот живот. Како дополнение, отворањето на границите значи дека идните судии треба да бидат свесни дека се Европски судии и да имаат знаење за Европските теми.

28. Од аспект на разноликоста на системите за обука на судиите во Европа, ССЕС препорачува:

i. сите избрани на судиска позиција, пред да ја превземат должноста, би требало да стекнат обемно знаење за материјалното национално и меѓународно право и процедурите;
ii. програмите за обука да бидат поспецифично дизајнирани спрема извршувањето на професијата судија и спроведени преку установата одговорна за обуката, од страна на тренерите и самите судии;
iii. овие теоретски/практични програми не би требало да бидат ограничени на чисто правни полиња, туку би требало да вклучат и етика и вовед во други полиња релевантни за судиската активност, како што се водење на предметите и судската управа, информатичка технологија, странски јазици, општествени науки и алтернативно одлучување на споровите-АДР
iv. Обуката да биде со плуралистичка со цел да се гарантира и зајакне отворената мисла на судиите.
v. Во зависност од постоењето и времетраењето на претходното професионално искуство, обуката треба да трае соодветно долго со цел да се избегне истата да стане чисто формална работа.

29. ССЕС препорачува практика на обезбедување на период на обука вообичаен за различните правни и судски професии (на пр. адвокатите и обвинителите во земјите во кои обавуваат должности различни од оние на судиите). Оваа практика обезбедува подобро познавање и взаемно разбирање помеѓу судиите и другите професии.

30. ССЕС исто така забележа дека во многу земји достапноста на судиската позиција е условена со претходно професионално искуство. Иако изгледа невозможно ваквиот модел да се примени секаде и иако усвојувањето на систем кој комбинира различни типови на избор може да има предност во смисла на разликување на судиите според нивната биографија, важно е за кандидатите кои доаѓаат директно од универзитетот, почетната обука да вклучи основен период на обука во професионално опкружување (адвокатска практика, компании итн.)

IV. Континуирана обука (обука во текот на службата)

31. Сосема одвоено од основното знаење, кое треба да го здобијат пред да ја заземат својата позиција судиите треба да осознаат дека “се осудени на вечно испитување и учење” (да се погледа извештајот на Р. Јенсен “Како да се подготват судиите да станат добро квалификувани судии во 2003”, док. ССЕС-ГТ (2003) 3).

32. Ваквата обука е неопходна не само заради промените во правото, технологијата и познавањата неопходни за обавување на судиската должност, туку и заради можноста, во многу земји, судиите по заземање на својата позиција да добијат и нови одговорности. Програмите за постојана обука треба да понудат можност за обука во случај на промена на судиската проблематика, како што е на пр. преминот од/во кривичниот во/од граѓанскиот суд (оддел); превземање на специјална надлежност (пр. во семеен, малолетнички или општински суд) и преземање на позиција како на пр. претседавање со совет или суд. Посетувањето на релевантна програма за обука може да биде предуслов за вакво движење или преземање на ваква одговорност.

33. Организирањето на постојана обука е неопходно, бидејќи општеството има право да извлече корист од добро обучените судии, но исто така е неопходно да се прошири културата за обука во судството.

34. Не е реално во секој случај, задолжително да се спроведува постојана обука. Постои стравување дека на тој начин таа може да се бирократизира и формализира. Предложената обука мора да биде привлечна доволно за да ги поттикне судиите да земат учество во неа и доброволното учество се смета за најдобар гарант за ефикасна обука. Ова треба да биде олеснето и на тој начин што секој судија ќе биде свесен дека има етичка обврска да го одржува и осовременува своето знаење.

35. ССЕС исто така охрабрува во смисла на континуирана соработка во текот на обуката со други правни професионални тела одговорни за континуирана обука поврзана со работи од заеднички интерес (пр. ново законодавство).

36. Понатаму, се истакнува потребата од организирање на континуирана судиска обука на начин кој ќе ги опфати сите нивоа на судството. Кога е можно, различните нивоа треба да бидат презентирани на исти сесии, на кој начин се овозможува размена на мислења. Ова помага да се разбијат хиерархиските тенденции, обезбедува информариност на сите нивоа во судството за проблемите и грижите на другите и промовира покохезивен и конзистентен пристап во судството.

37. Според тоа ССЕС препорачува:

i. обуката во текот на службата да биде вообичаено базирана на доброволно учество на судиите;
ii. обуката во текот на службата да биде облигаторна во исклучителни случаи; пример може да биде (доколку судиското или друго одговорно тело така одлучи) кога судијата презема нова позиција од различна проблематика или функција или во случај на фундаментални измени во законодавството;
iii. програмите за обука треба да се подготват од страна на судски орган или друго тело одговорно за почетна обука или постојана обука и од страна на лица кои ќе ја вршат обуката или самите судии;
iv. овие програми, воведени од самиот орган, да се фокусираат на правни и други теми кои се однесуваат на судиската функција и да соодвествуваат со потребите на судиите (да се погледа став 27 погоре);
v. судовите сами да ги охрабруваат своите членови да ги посетуваат курсевите за постојана обука;
vi. програмите да се одвиваат во средина во која може да се сретнат членовите на различните гранки и нивоа во судството и истите да разменат искуства и постават заеднички ставови;
vii. додека обуката е етичка должност на судиите, земјите членки исто така се должни да им стават на судиите на располагање финансиски средства, време и други средства неопходни за обука во текот на службата.

V. Оценка на обуката

38. Со цел за континуирано подобрување на квалитетот на обуката, органите одговорни за обука треба да спроведуваат често оценување на програмите и методите. Важна улога во овој процес треба да има мислењето на сите учесници во тренинзите, кои можат да се поттикнат преку соодветни алатки (одговори на прашалници, интервјуа).

39. Не постои сомневање дека треба да се следи работата на лицата кои вршат обука, но оценката на работата на учесниците во судиските иницијативи за обука се става под знак прашање. Постојаната обука на судиите може да биде плодотворна само доколку нивното слободно дејствување не е условено со грижата за кариерата.

40. Во земјите во кои обуката на судиите се врши на почетокот на нивната професионална кариера, ССЕС предлага неопходна проценка на резултатите од почетната обука со цел да се обезбеди најдобриот избор во судството. Наспроти тоа, во земјите каде се избираат судии од редот на искусни правници, пред изборот се применуваат објективни методи за проценка, со обука која се обавува откако кандидатите ќе бидат избрани, така што во овие земји не е соодветно да се оценува почетната обука.

41. Не е помалку важно, кандидатите кои подлежат на проценка да уживаат правна заштита која ќе ги заштити од самоволие во проценката на нивната работа. Како дополнение, во случај на донесување на одредби од државата за привремен избор на судии, отстранувањето на истите од службата на крајот од обуката, треба да се одвива со заштита вообичаена за судиите кога нивното отстранување од службата е однапред најавено.

42. Од аспект на горенаведеното, ССЕС препорачува:

i. програмите за обука и методите треба да бидат предмет на често оценување од страна на органите одговорни за судиска обука;
ii. во начело, учеството во судиските иницијативи за обука не треба да биде предмет на квалитативна проценка; меѓутоа, нивното учество, објективно разгледувано, може да биде земено предвид при професионалната оценка на судиите;
iii. квалитетот на изведбата на обучувачите да биде оценуван, секогаш кога ваквата оценка е неопходна заради фактот што во некои системи почетната обука е фаза на процесот на избор на судиите.

VI. Европската обука на судии

43. Без оглед на природата на своите должности, ниеден судија не може да го игнорира европското право, било Европската конвенција за човекови права или Конвенциите на Советот на Европа или доколку е соодветно, Договорот на Европската Заедница и законодавството кое произлегува од истиот, бидејќи во предметите кои доаѓаат пред нив тие се применуваат директно.

44. Со цел да се промовира овој суштествен аспект на судските надлежности, ССЕС смета дека земјите членки, после зајакнувањето на студиите по Европско право на универзитетите, би требало, исто така, да го промовираат неговото вклучување во програмите за почетна обука на судиите и постојаната обука, со особен осврт на неговата практична примена во секојдневната работа.

45. Исто така се препорачува зајакнување на Европската мрежа за размена на информации помеѓу лицата и ентитетите задолжени за обука на судии (Лисабонска мрежа). Оваа мрежа промовира обука за работи од заеднички интерес и споредбено право. Оттука, обуката треба да ги задоволи лицата кои вршат обука, како и самите судии. Функционирањето на оваа мрежа може да биде ефикасно само доколку секоја земја членка значајно ја поддржи, преку воспоставување на тело одговорно за обука на судиите, како што е наведено во поглавјето II и со воспоставување на Пан-европска соработка во ова поле.

46. Понатаму, ССЕС смета дека соработката во рамките на другите иницијативи има за цел да ги соедини институциите за обука на судии во Европа, особено во рамките на Европската мрежа за обука на судии, на тој начин ефикасно придонесувајќи за поголема соработка и усогласување на програмите и методите за обука на судиите на целиот континент.



 Top