PDF
 
 
 
 
 

Стразбур, 23 ноември 2001 год

CCJE (2001) OP No2
ССЕС (2001) М Бр. 2

СОВЕТОДАВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ
(ССЕС)

МИСЛЕЊЕ Бр. 2 (2001)
НА СОВЕТОДАВНИОТ СОВЕТ НА ЕВРОПСКИ СУДИИ (ССЕС)

ЗА КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИТЕ ПРИ СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

ЗА ФИНАНСИРАЊЕ И УПРАВУВАЊЕ НА СУДОВИТЕ СО ОСВРТ КОН СУДСКАТА ЕФИКАСНОСТ И ЧЛЕНОТ 6 ОД ЕВРОПСКАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

1. Советодавниот совет на европски судии (ССЕС) го подготви ова мислење врз основа на одговорите на земјите на Прашалникот, подготвените текстови од страна на Работната група на ССЕС и текстовите подготвени од страна на Претседателот и Потпретседателот на ССЕС и експертот на ССЕС на оваа тема, г-дин Јацек Хлебни (Полска).

2. ССЕС забележува дека финансирањето на судовите е тесно поврзано со темата “независност на судството”, така што ги определува условите во кои судовите ја обавуваат својата функција.

3. Уште повеќе, постои очигледна врска помеѓу, од една страна, финансирањето и управувањето со судовите и начелата на Европската конвенција за човекови права, од друга страна: пристапот до правдата и правото на фер постапка не се соодветно гарантирани доколку предметот, во суд кој на располагање има соодветни фондови и извори за ефикасно судење, не се заврши во разумно време.

4. Сите општи начела и стандарди на Советот на Европа за финансирање и управување со судовите, на државата и наметнуваат должност да создаде финансиски извори кои ќе одговараат на потребите на различните судски системи.

5. ССЕС се согласи дека иако финансирањето на судовите е дел од државниот буџет презентиран пред Собранието од страна на Министерот за финансии, ваквото финансирање не би требало да биде предмет на политички флуктуации. Иако нивото на финансирање на судовите во земјите е политичка одлука, во системите базирани на поделба на власта, секогаш треба да се обезбеди извршната и законодавната власт да не бидат во можност да вршат притисок врз судството кога се одредува неговиот буџет. Одлуките за доделување на финансиите на судовите мора да се донесуваат со строго почитување на судската независност.

6. Во поголем број земји, Министерството за правда е вклучено во презентирањето и преговорите за судскиот буџет со Министерството за финансии. Во многу земји, финансирањето на судовите се врши со претходни предлози дадени директно или индиректно од страна на судовите до Министерството за правда. Меѓутоа, во одредени случаи, судовите ги презентираат предлозите за буџетот директно на Министерството за финансии. Примери се Врховните судови на Естонија и на Словачка за сопствените буџети и Врховните судови на Кипар и Словенија, за судовите на сите нивоа. Во Швајцарија, Федералниот врховен суд има право да поднесе сопствен буџет (одобрен од страна на Административна комисија која се состои од тројца судии) на Федералниот Парламент и неговиот Претседател и Генералниот секретар имаат право да го бранат буџетот пред Парламентот. Во Литванија, одлуката на Уставниот суд од 21 декември 1999 год. воспоставува начело со кое секој суд има право на сопствен буџет, одделен, но во државниот буџет, а одобрен од страна на Собранието. Во Русија, Федералниот буџет мора да содржи одвоена одредба за буџетот на Уставниот суд, Врховниот суд и другите судови и Федералниот Арбитражен Суд и други арбитражни трибунали, а Советот на Руските Судии има право не само да учествува во преговорите за федералниот буџет, туку и да и биде застапен во дискусијата во комисиите на Руското федерално Собрание. Во нордиските земји сегашното законодавство ја формализира постапката за координирање на судските буџети и нивното поднесување до Министерството за правда - во Данска, Судската Управа (во чија управна комисија мнозинството од членовите се претставници од различни судови) ја извршува оваа функција. Во Шведска, Националната судска управа (посебно владино тело со управна комисија, во кое судиите се малцинство) ја врши оваа функција со обврска да подготви променлив тригодишен буџет.

7. Наспроти тоа, во други земји нема формална процедура за полнење на судскиот буџет врз основа на која се преговара со Министерството за правда и секое влијание е неформално. Белгија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Малта, Украина и ВБ се примери за правни системи во оваа категорија.

8. Обемот во кој судските системи се сметаат за адекватно финансирани не кореспондира секогаш со обемот на формалноста на постапките за предлозите од, или донесени во консултација со судството, иако подиректното судско влијание се уште се смета за важна потреба. Одговорите на прашалникот пречесто разоткриваат широк спектар на недостатоци, од недостиг на соодветни материјални средства (простории, мебел, канцелариска и компјутерска опрема и др) до целосен недостиг од помош која е неопходна за современо вршење на судиската функција (квалитетен персонал, специјалистичка помош, пристап до компјутеризирана документација и др). Особено во источноевропските земји, буџетските рестрикции доведоа до тоа, Собранијата да го намалат уделот на средствата, расположливи за финансирање на судовите (пр. во Русија 50% од бараните средства). Дури и во западноевропските земји, буџетските ограничувања довеле до намалување на судските простории, канцеларии, ИТ и/или персонал (ова последново значи дека понекогаш судиите не можат да бидат ослободени од несудиски задачи).

9. Судството (кое не секогаш се смета како одделна власт на државата) има посебни потреби за да може да ги извршува своите задачи и да остане независно. За жал, може да доминираат економските аспекти во дискусиите кои се однесуваат на важните структурни промени во судството и неговата ефикасност. Ниедна земја не може да ја занемари својата севкупна финансиска способност во одлучувањето кое ниво на услуги ќе го поддржи, а судството и судовите, како една од суштествените сили на државата, имаат силни побарувања.

10. Иако ССЕС не може да го игнорира економскиот диспаритет помеѓу земјите, развојот на соодветно финансирање на судовите бара поголемо вклучување на самите судови во процесот на проектирање на буџетот. ССЕС се согласи дека притоа е важно активностите за усвојување на судскиот буџет од страна на Собранието да вклучуваат постапка која ќе ги земе во предвид судските гледишта.

11. Една од формите со која судството активно се вклучува во проектирањето на буџетот би била на независниот орган, одговорен за управување со судството - во земји во кои постои ваков орган1 - да му се даде координативна улога во подготовка на барања за финансирање на судовите и да му се овозможи на ова тело директен контакт со Собранието, со цел да се оценат потребите на судовите. Пожелно е телото кое ги претставува сите судови , да биде одговорно(а) за поднесување на барањата за буџетот до Собранието или до неговите Комисии.

12. Управувањето со буџетот доделен на судовите е исклучително голема одговорност која бара професионално внимание. Дискусиите на ССЕС покажаа дека постои голема разлика помеѓу, од една страна, системите во кои управувањето се врши од страна на судството или лица или тело кое му одговара на судството или од страна на независен орган со соодветна административна поддршка која му одговара на телото и, од друга страна, системите во кои управувањето е под целосна надлежност на владин оддел или служба. Првиот пристап е усвоен во некои нови демократии, како и во други земји заради предностите во обезбедувањето на судската независност и можноста судството да ја врши својата функција.

13. Доколку на судиите им се даде надлежност за управување со судовите, со цел за извршување на таквата задача, тие треба да добијат соодветна обука и неопходна поддршка. Во секој случај, важно е судиите да бидат надлежни за сите административни одлуки кои директно го засегаат вршењето на судската функција.

Заклучок

14. ССЕС сметаше дека земјите треба повторно да ги разгледаат постоечките системи за финансирање и управување со судовите од аспект на ова мислење. ССЕС особено обрнува внимание на потребата на судовите да им се доделат доволно средства кои ќе им овозможат да функционираат во согласност со стандардите содржани во членот 6 од Европската конвенција за човекови права.

1 Да се погледа Мислењето Бр. 1 (2201) за стандардите кои се однесуваат на независноста, ефикасноста и улогата на судиите во поглавјето со наслов “Тела за избор и советодавни тела”.

 Top